ПОЛИЦИЈАТА ИНТЕРВЕНИРАЛА – Но не успеа да спречи смрт на жена и дете во Карпош
Два часа пред мајката и малолетното дете да загинат во скопски Карпош, полицијата веќе била на местото на настанот и разговарала со жената по пријава за семејна расправија.

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, на денешната прес-конференција соопшти дека трагичниот настан се случил по пад од балкон. Полицијата не можела да го спречи исходот, бидејќи жената им рекла дека се работи за недоразбирање и се упатила кон станот.
Пријавата била направена од случаен минувач на улицата „Теодосиј Гологанов“, по што веднаш интервенирале полициски службеници од Полициската станица Карпош и екипа на Итната медицинска помош. На местото на настанот биле констатирани смртта на жената и детето.
СВР Скопје извршило увид, а телата се предадени на обдукција. Од местото на настанот биле подигнати материјални траги и мобилен телефон.
Тошковски истакна дека истиот ден претходно имало пријава за расправија меѓу сопружниците. Полицијата интервенирала и разговарала со жената, која изјавила дека немало физички контакт и дека станува збор за недоразбирање, по што потпишала службена белешка и се упатила кон станот.
Сопругот, Стојанче Јовановски, е уапсен по усна наредба поради сомневање за сторено кривично дело. Според министерот, против него во изминатите две години биле поднесени десет кривични пријави за имотни деликти, насилен криминал и недозволена трговија со дрога. Во една од постапките биле пронајдени 20 паковки со наркотична супстанца, по што бил уапсен и му биле изречени мерки на претпазливост.
Во 2025 и 2026 година полицијата постапувала и по други пријави за нарушени брачни односи, но оштетената често се повлекувала од пријавите.
Тошковски додаде дека полицијата располага со снимки од претходното тепање на жртвата истиот ден. Сопругот ќе биде спроведен пред обвинителството и ќе биде задржан во полиција, а му следуваат пријави за „поттикнување и наведување на самоубиство“ и уште две други дела.
Министерот нагласи дека сите околности се детално документираат и објасни дека со најновите измени на Кривичниот законик, полициските службеници во вакви случаи можат да постапуваат по службена должност.
Статистиката покажува дека од 2024 година досега, од стотици пријави за насилство, само мал број завршиле со притвор. Годинава се евидентирани 28 случаи, од кои 12 биле постапени по брза постапка, а 5 завршиле со притвор.
Тошковски повика на промена на менталниот склоп не само кај полициските службеници и социјалните работници, туку и кај сите граѓани, со цел да се пријавува насилство. Сосетките на последната жртва истакнуваат дека пријавувале, но полицијата им објаснила дека може да постапи само ако жртвата поднесе пријава, а во спротивно би се соочиле со тужба за лажно пријавување.
Сепак, ова не било доволно за да се спасат животите на младата мајка и нејзината ќерка.


