ЗАПОЗНАЈ ГО ДОМОТ НА БАЛКАНСКИОТ РИС – Изложба во „Лабораториум“
Фотографии од балканскиот рис, „уловени“ со фотозамки, ќе го приближат реткиот рис до публиката.

Патувачката изложба посветена на балканскиот рис, која досега гостуваше на седум локации низ Македонија, за првпат ќе ја види и скопската публика. Изложбата ќе биде поставена во „Лабораториум“ во четврток, 5 март, со почеток во 19:00 часот.
„Оваа изложба е дел од регионалната Програма за закрепнување на балканскиот рис (Balkan Lynx Recovery Programme) и има за цел да ја приближи убавината и реткоста на балканскиот рис до сите љубители на природата. Преку избрани дваесетина фотографии, повеќето направени со фотозамки, метод кој го користиме веќе 18 години посетителите ќе можат да видат како изгледа „домот“ на рисот, каде се движи, зошто е загрозен и која е нашата прва фотографија од овој впечатлив вид“, велат од Македонското еколошко друштво (МЕД).
На отворањето, посетителите ќе можат да слушнат интересни факти за балканскиот рис и директно да постават прашања до тимот на МЕД за нивното теренско искуство.
Изложбата е наменета за сите возрасти, влезот е слободен, а во Скопје ќе биде отворена цел месец, до 5 април.


