НЕ Е САМОУБИСТВО, ТУКУ ПОСЛЕДИЦА НА НАСИЛСТВО – Лавина реакции по трагичниот настан

Трагедијата отвори поширока дебата за заштитата на жртвите

НЕ Е САМОУБИСТВО, ТУКУ ПОСЛЕДИЦА НА НАСИЛСТВО – Лавина реакции по трагичниот настан
Фото: Принтскрин

Трагедијата во скопската населба Тафталиџе, во која животот го загубија мајка и нејзината малолетна ќерка, предизвика силни реакции во јавноста и отвори прашања за институционалната одговорност во случаите на семејно насилство, пренесе „Скопјеинфо“.

На социјалните мрежи се споделуваат бројни пораки со апел случајот да не се третира исклучиво како „самоубиство“, туку да се разгледа во поширок контекст. Во една од најсподелуваните објави се наведува дека кога жена – жртва на долготрајно семејно насилство – е доведена до очаен чин, тоа не може да се посматра како изолиран психолошки настан, туку како последица на континуирано насилство што не било навремено спречено.

Авторот посочува дека семејното насилство не остава последици само преку директна физичка агресија, туку и преку игнорирање, минимизирање и институционална неактивност. Од перспектива на психотерапија информирана од траума, се нагласува дека очајот е резултат на хронична небезбедност и долготраен страв, а не лична слабост.

Реакција стигна и од соседка на семејството, која во јавна објава наведе дека со години постоело насилство и дека и заедницата и институциите сносат дел од одговорноста. Таа повика да не се обвинува жртвата, туку да се утврдат причините и евентуалните пропусти.

Со емотивна порака се огласи и братот на починатата жена, кој целиот случај го нарече системски неуспех. Тој тврди дека со години биле пријавувани случаи на физичко и психичко насилство, закани и сериозни инциденти, но, според него, надлежните институции не постапиле соодветно.

Во објавата наведува дека се чувствува изневерен од институциите и побара темелна истрага и утврдување на одговорност. Апелираше до јавноста да не шпекулира со непотврдени информации, но истовремено побара случајот да не биде заборавен и да не остане само статистички податок.

„Сестра ми требала повторно да иде во социјално, за сите овие работи, а со внуката се слушнавме за Прочка, ми рече – вујче прости ми ако сум ти згрешила нешто … вујчино, прости ми ти, прости на овие неспособни институции, а јас вујче, нема никогаш да простам и да заборавам“.

Од надлежните институции засега нема официјална реакција на изнесените наводи.

CATEGORIES
TAGS
Share This