ВОЈНА НА БЛИСКИОТ ИСТОК – Европските берзи паѓаат
Американско-израелската операција и иранските одмазднички напади го тресат пазарот.

Американско-израелската воена операција против Иран, како и иранските одмазднички напади во регионот, предизвикаа остар пад на европските берзи при отворањето на тргувањето. Париската берза забележа пад од 2,36%, Франкфуртската од 2,29%, додека Лондонската падна за 0,93%, објавува „Ле Фигаро“.
„Пазарите страдаат поради ескалацијата на тензиите на Блискиот Исток и нивните потенцијални последици за регионалната стабилност и енергетските текови“, изјави Џон Пласард, директор за инвестициска стратегија во Citi Management Private Bank. Кат Хадсон, директорка за инвестициски стратегии во Hargreaves Lansdowne, додаде дека инвеститорите се загрижени поради „значајното покачување на цените на нафтата“ и нарушувањата во синџирот на снабдување, кои носат ризик од повисока инфлација.
Превозот практично е парализиран низ Ормутскиот теснец, клучна точка за глобалната трговија, што доведе до нагло покачување на цените на нафтата.
Околу 7:10 часот по средноевропско време, барел сурова нафта од типот Брент од Северното Море достигна цена од 78,44 долари, што е пораст од 7,64%, откако рано наутро премина 82 долари. Американскиот WTI порасна за 7,18% на 71,83 долари за барел, објави Танјуг.
Во исто време, доларот зајакна за 0,74% на 1,1726 долари за евро, што влијаеше на тргувањето со нафта.
Цената на златото, кое инвеститорите го сметаат за безбедно засолниште, се зголеми за 2,12%, достигнувајќи 5.390,74 долари за унца. Цените на европскиот гас, исто така, нагло пораснаа, а холандскиот фјучерс TTF се зголеми за повеќе од 20%, достигнувајќи 3.885 евра, откако рано скокна за 22%.
Сепак, цената на гасот сѐ уште е под нивото забележано во јануари, кога студениот бран доведе до покачување на цените на бензинот.


