ОРМУСКИОТ ТЕСНЕЦ ЗАТВОРЕН – Цената на нафтата скокна
Конфликтот со Иран го загрозува преминот низ Ормускиот теснец, клучен за глобалното снабдување со енергенси.

Цената на нафтата на светските берзи бележи значителен пораст како резултат на ескалацијата на конфликтот со Иран. Главна загриженост предизвикува Ормускиот теснец, еден од клучните морски премини за глобалната трговија со нафта.
Преку овој теснец и делови од Црвеното Море дневно минуваат повеќе од 17 милиони барели нафта, што претставува околу 20% од светското снабдување. Според неофицијални информации, преминот е затворен за танкери, а иранската Револуционерна гарда предупредува дека ниту еден брод не смее да поминува.
Енергетските експерти истакнуваат дека дури и краткотрајно попречување на сообраќајот може да предизвика нагло поскапување на нафтата и сериозни нарушувања во глобалното снабдување. Ваквите потреси влијаат не само на земјите од Блискиот Исток, туку и на целиот светски пазар.
Зголемувањето на цената на суровата нафта директно се одразува врз домашниот пазар. Горивата поскапуваат, што води до повисоки трошоци за транспорт и поскапи производи и услуги. Осцилациите на нафтениот пазар имаат пошироки ефекти и раст на производствените трошоци, забрзување на инфлацијата и дополнителен притисок врз државните буџети. Според меѓународни проценки, секое зголемување од 10 долари по барел може да предизвика раст на цените на горивата за 5-7%.
Состојбата околу Ормускиот теснец се смета за една од најкритичните точки за глобалното снабдување со енергенси, а финансиските пазари внимателно ги следат понатамошните геополитички случувања.


