ПО УБИСТВОТО НА ХАМНЕИ: Иран формира ново лидерство и се заканува со одмазда

Лариџани вели дека уставот предвидува итна замена на врховниот лидер и предупредува на удари врз американски цели

ПО УБИСТВОТО НА ХАМНЕИ: Иран формира ново лидерство и се заканува со одмазда
Фото: Принтскрин

По атентатот врз ајатолахот Али Хамнеи, Иран соопшти дека ќе формира Совет за лидерство и дека ќе продолжи со нападите врз американски цели во регионот. Техеран порача дека САД „не можат да го присилат иранскиот народ“ и предупреди дека сите американски бази на Блискиот Исток ќе бидат легитимни цели.

Секретарот на Врховниот совет за национална безбедност на Иран, Али Лариџани, денес изјави дека, согласно уставот на земјата, по убиството на ајатолахот Хамнеи во американско-израелскиот напад, во најкус можен рок ќе биде формиран Совет за лидерство кој привремено ќе ги преземе надлежностите на врховниот лидер.

Во видео-порака, Лариџани истакна дека уставот предвидува ваков механизам во ситуации кога државата останува без лидер, нагласувајќи дека процесот ќе се спроведе брзо. Информацијата ја пренесе иранската новинска агенција Илна.

Осврнувајќи се на убиството на Хамнеи, Лариџани го оцени настанот како „многу горчлив инцидент“ за иранската нација, наведувајќи дека народот е „длабоко погоден“ од, како што рече, американско-израелската агресија.

„И ќе им ги изгориме срцата. Треба да знаат дека не можат само да удрат и да си заминат. Иранската нација низ историјата преживеала и полоши моменти“, изјави Лариџани.

Тој нагласи дека уште на првиот ден од конфликтот било јасно дека операциите се одвиваат на проширен фронт и предупреди дека, доколку војната прерасне во долгорочен судир, Иран располага со значително зголемени воени капацитети и искуство стекнато во изминатите години.

„Вооружените сили се решени да не се повлечат и да не му дозволат на непријателот да ја повтори оваа стратегија, сè додека Иран не обезбеди целосна независност“, рече тој.

Лариџани потенцираше дека „мора еднаш засекогаш да стане јасно дека Американците не можат да го принудат иранскиот народ“.

„Ние не баравме војна, но ако ни биде наметната, нема да се повлечеме. Исламската Република отсекогаш се залагала за мир, но од другата страна стојат тирани кои не ги почитуваат своите обврски“, изјави тој.

Според Лариџани, Иран веќе ги информирал земјите од регионот дека нема намера да ги напаѓа, но дека секоја база која ќе биде користена од САД за напади врз Иран ќе биде цел.

„Тие бази не се територија на соседните земји, туку американска територија“, нагласи тој.

Тој додаде дека Иран испратил пораки и до САД преку швајцарската амбасада, предупредувајќи дека секој нов напад ќе резултира со таргетирање на сите американски капацитети во регионот, при што повтори дека Иран никогаш не извршил агресија врз своите соседи.

CATEGORIES
TAGS
Share This