РУСИЈА ОСТРО ГО ОСУДУВА НАПАДОТ ВРЗ ИРАН – Бараме САД и Израел да почитуваат меѓународното право
Министерството за надворешни работи на Русија го оцени нападот како една од најголемите непровоцирани агресии против суверена држава

Министерството за надворешни работи на Русија остро го осуди нападот на САД и Израел врз Иран, оцени дека станува збор за однапред планирана акција против суверена држава и предупреди за можни сериозни последици.
„Обемот и карактерот на претходните воено-политички и пропагандни подготовки за овој непромислен потег, вклучувајќи го и префрлањето на голема американска воена група во регионот, јасно укажуваат дека станува збор за однапред планирана и неиспровоцирана агресија против независна држава, членка на ОН, со кршење на основните принципи на меѓународното право“, се наведува во соопштението на руското Министерство за надворешни работи, пренесува РИА Новости.
Русија ја става целосната одговорност за негативните последици од нападот врз САД и Израел, додавајќи дека нивните намери се насочени кон уништување на иранското раководство.
„Вашингтон и Тел Авив повторно започнаа опасна авантура која го приближува регионот до хуманитарна, економска и потенцијално радиолошка катастрофа“, се вели во коментарот.
Во друга изјава, руското Министерство предупреди дека САД и Израел го вовлекуваат Блискиот Исток во вртлог на неконтролирана ескалација, поттикнувајќи ги земјите од регионот да се вооружуваат со се понапредни средства.
Израелскиот министер за одбрана, Исраел Кац, претходно денеска соопшти дека Израел започнал превентивен напад врз Иран со цел да ги елиминира заканите за безбедноста на земјата и дека е прогласена вонредна состојба низ целата земја.
Извор за CNN потврди дека нападот бил координиран со САД. Иранската Исламска револуционерна гарда (ИРГК) објави дека го започнала „првиот бран напади со ракети и беспилотни летала од големи размери“ против Израел, како одговор на „непријателската и криминална агресија против Исламската Република Иран“, пренесува агенцијата Тасним.


