ГОЛЕМАТА ГЕОПОЛИТИЧКА ИГРА – Некогаш пријатели, денеска започнаа војна

Конфликтот меѓу Израел и Иран повторно ги активира регионалните и светските интереси.

ГОЛЕМАТА ГЕОПОЛИТИЧКА ИГРА – Некогаш пријатели, денеска започнаа војна
Фото: Принтскрин

Конфликтот меѓу Израел и Иран трае со децении и е еден од главните извори на нестабилност на Блискиот Исток. Израел го нарекува Иран закана по своето постоење, додека Иран гледа на Израел како на „мал сатана“, сојузник на САД („големиот сатана“).

Односите меѓу двете земји биле пријателски до Исламската револуција во 1979 година, кога режимот на Ајтолахот Хомеини ја презеде власта и воспостави исламска република.

Непријателството кон Израел стана столб на новиот ирански режим, кој поддржуваше палестински и либански милитанти.

Денешните тензии се засилени од нуклеарната програма на Иран, поддршката на „терористички“ групи од страна на Техеран и размената на тајни акции и напади во Сирија, Либан, Ирак и Јемен.

Конфронтациите меѓу Израел и Иран често се одвивале преку посредници и тајни акции. Израел ја саботирал иранската нуклеарна програма, вклучително со вирусот Stuxnet. Иран ја обвинува израелската разузнавачка служба за убиства на научници од својата нуклеарна програма, како Мохсен Фахризаде. Борбата се проширува и на морето; во 2021 година, Израел го обвини Иран за напади врз бродови во Оманскиот залив, додека Иран ја обвини израелската страна за напади во Црвеното Море.

По нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023, конфликтот се интензивира. Судирите со проиранските сили, Хезболах и палестинските демонстранти на Западниот Брег, се зголемија. Во 2024 и 2025 година, беа извршени повеќе напади и одмазднички акции од двете страни во Сирија и Иран. Најновите операции, со десетици беспилотни летала и ракети, ја покажуваат сериозноста на ескалацијата и ризикот од директен конфликт.

Сојузот Израел – САД кон Иран, како и долгогодишното непријателство и „војната во сенка“, ја покажуваат комплексноста и опасноста на ситуацијата на Блискиот Исток. Историјата на непријателството, комбинирана со тековни геополитички и безбедносни закани, укажува дека мирот меѓу двете земји во блиска иднина е тешко остварлив.

Да потсетиме, САД и Израел дсенеска го нападнаа Иран. Американски функционер потврди за „Тајмс оф Израел“ дека САД учествувале во утринските напади врз Иран заедно со Израел. Според израелски безбедносен извор, операцијата е координирана и американските напади се извршуваат од воздух и од море, според „Ројтерс“.

Непотврдени извештаи од иранската опозиција наведуваат дека меѓу целите се и претседателскиот објект и домовите на високи ирански лидери. Дополнително, нападите се насочени кон локации од кои Иран би можел да му се закани на Израел.

Досега нема информации за истрели кон Израел, но населението е повикано да остане блиску до засолништата, иако засега не е потребно да се користат. Во близина на Техеран се слушнале серија експлозии кратко по објавата на израелската војска.

CATEGORIES
TAGS
Share This