ОДБРАНАТА ВО СЛУЧАЈОТ ПУЛС – Повекување на обвинението и еднаква примена на законот
Ревизија на обвинението според член 19 од Законот за Јавното обвинителство

Одбраната на дел од обвинетите за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани поднесе иницијатива до стручниот колегиум на Јавното обвинителство (ЈО) и до в.д. шефицата на Републичкото обвинителство, Анита Тополова Исајловска, со која бара ревизија на обвинението и повлекување на обвинението за дел од лицата кои во времето на пожарот не биле на функција.
Во документот, одбраната се повикува на последната одлука на Основното јавно обвинителство за гонење на кривични дела (ОЈО ГОКК), според која постапката е раздвојена: за дел од полициските службеници е поднесено обвинение за „тешки дела против безбедноста“, а за други за злоупотреба на службената должност и давање лажни информации.
Во иницијативата се нагласува дека ревизијата треба да се направи согласно член 19 од Законот за Јавното обвинителство, за еднаква примена на законите. Одбраната бара повлекување на обвинението за лица кои немале директни дејствија или овластување во време на пожарот, наведувајќи дека нивните функции завршиле пред 7 месеци, 2 години или 12 години, и дека не можат да се поврзат со настанот.
Во документот се посочува:
„Поднесениот обвинителен акт од ОЈО ГОКК за кривично дело ‘тешки дела против безбедноста’ во однос на полициските службеници се однесува само на лица кои имале непосредни службени обврски во периодот од 14 до 16 март 2025 година.“
Во пожарот во дискотеката „Пулс“ загинаа 63 лица, а над 220 беа повредени. Во судска постапка се наоѓаат 35 физички и 3 правни лица.


