ХАОС НА САН СИРО – Јувентус бесен по неоправданото исклучувањето, Интер победи во 90. минута

Жестоки реакции од раководството и стручниот штаб на Јувентус по спорната судиска одлука на „Сан Сиро“.

ХАОС НА САН СИРО – Јувентус бесен по неоправданото исклучувањето, Интер победи во 90. минута
Фото: Принтскрин

Тензиите на дербито меѓу Интер и Јувентус кулминираа на полувремето, кога дојде до жестоки реакции од раководството и стручниот штаб на „бјанконерите“ кон главниот судија Федерико Ла Пена.

Исклучувањето на Пјер Калулу, кој доби два жолти картони, дополнително ги разгоре страстите. Вториот картон беше покажан по сомнителен фаул врз Алесандро Бастони, одлука која директно влијаеше врз текот на натпреварот. Иако Интер целото второ полувреме играше со играч повеќе, победата од 3-2 ја обезбеди дури во 90. минута.

Според правилата, ВАР-системот може да интервенира само во случај на директен црвен картон, но не и при втор жолт, поради што Калулу, можеби и неоправдано, беше принуден предвреме да го напушти теренот.

На скалите во тунелот што води кон соблекувалните на „Сан Сиро“, главниот тренер на Јувентус, Лучано Спалети, го пречека судијата Ла Пена и со покачен тон го изрази своето незадоволство од судиските одлуки. Ситуацијата дополнително ескалираше кога генералниот менаџер Дамиен Комоли тргна физички да се пресмета, по што Спалети мораше да интервенира и да го оттурне за да спречи посериозен инцидент.

Во конфликтот беше вклучен и Џорџо Кјелини, директор за фудбалска стратегија на Јувентус. Поранешниот капитен на „старата дама“ жестоко реагираше кон судијата, викајќи и гестикулирајќи со рацете.

„Ова не може да биде, ова не постои никаде на светот!“, извикал Кјелини.

По натпреварот, Кјелини изјави дека случувањата биле неприфатливи и дека ВАР-системот очигледно има потреба од сериозни промени, бидејќи, како што рече, премногу грешки се повторуваат на најважните натпревари. Спалети ја бојкотираше прес-конференцијата, а од редовите на Јувентус беше побарана и оставка од шефот на италијанските судии, Џанлука Роки.

Судијата Ла Пена остана рамнодушен на обвинувањата, не влегувајќи во расправија, и со гестикулации ги повика сите инволвирани да се упатат кон соблекувалните.

CATEGORIES
Share This