СООБРАЌАЈОТ СЕ ОДВИВА БЕЗ ЗАБРАНИ – Магла на Плетвар, Ѓавато и Пресека

На повисоките места има остатоци од кашест снег, коловозите се влажни

СООБРАЌАЈОТ СЕ ОДВИВА БЕЗ ЗАБРАНИ – Магла на Плетвар, Ѓавато и Пресека
Фото: Принтскрин

Сообраќајот на државните патишта денеска (02.02.) се одвива без забрани, по претежно влажни коловози. На повисоките места, по извршени интервенции, има остатоци од кашест снег. Намалена видливост до 100 метри поради магла е евидентирана на планинските превои Плетвар, Ѓавато и Пресека.

Нормализиран е сообраќајот на патниот правец Р1105 Удово – Валандово, кој претходно беше во прекин поради излевање на Калковска Река.

Од 15 ноември 2025 година на сила е законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во возилата, без оглед на временските услови. Оваа обврска важи до 15 март 2026 година.

Интензитетот на сообраќај надвор од градските средини е умерен. На граничните премини, од македонска страна, нема подолги задржувања за патнички возила и автобуси при влез и излез од државата.

АМСМ апелира до возачите да ја прилагодат брзината на движење, да ја почитуваат сообраќајната сигнализација и да управуваат внимателно, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите каде постои опасност од одрони. Ова се однесува особено на делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Патниот правец Охрид – Ресен преку Националниот парк Галичица е затворен за сообраќај за сите видови возила во периодот од 21 ноември 2025 до 31 март 2026 година.

CATEGORIES
Share This