(ВИДЕО) ЗАПОЧНУВА ОСМАТА СЕЗОНА НА КАМПАЊАТА – Ги запознаваме ретките болести 2026

Светски експерти испраќаат порака дека пациентите со ретки болести не се сами.

(ВИДЕО) ЗАПОЧНУВА ОСМАТА СЕЗОНА НА КАМПАЊАТА – Ги запознаваме ретките болести 2026
Фото: Принтскрин

Со силна визуелна порака од медицински експерти од целиот свет, официјално стартуваше осмата сезона на националната кампања „Ги запознаваме ретките болести 2026“.

Според организаторите, иако ретките дијагнози се малку застапени, надежта и солидарноста мора да бидат секогаш присутни.

 „Оваа година започнуваме со моќен меѓународен поттик. Во официјалното видео, доктори од различни земји ги прикажуваат своите дланки обоени во симболичните бои на ретките болести, испраќајќи порака дека науката и човечноста не познаваат граници. Тие обоени дланки се ветување дека пациентите не се сами во својата тиха борба“, стои во соопштението.

Кампањата е предводена од Здружението „Ретко е да си редок“, во соработка со „Живот со предизвици“, и оваа година го осветлува патот на пациентите и буквално и преносно. На 1 февруари, знаменитостите низ државата ќе бидат обоени во боите на ретките болести и ќе светат во текот на целиот месец, симболизирајќи ја будноста на општеството кон потребите на овие граѓани.

„Осмата сезона покажува дека истрајноста е посилна од секој предизвик. Обоените дланки на докторите се симбол на прифаќање и разбирање. Целта ни е знаењето да го победи стравот, а едукацијата да овозможи подобра терапија и достоинствен живот за секој поединец со ретка дијагноза“, изјави Гордана Лолеска, претседател на „Ретко е да си редок“.

Како и во минатите години, кампањата ќе продолжи со својата едукативна дејност, обезбедувајќи стручна експертиза преку нови текстови и видеа за ретките болести, подготвени во соработка со Универзитетскиот клинички центар „Мајка Тереза“ и регионалните болници. Сите материјали ќе бидат достапни на македонски и албански јазик, со цел информациите да стигнат до секое семејство.

Февруари ќе биде месец на свесност, во кој се планираат објави и содржини што ќе ги направат „невидливите“ дијагнози видливи за институциите и јавноста.

CATEGORIES
Share This