ФИЛИПЧЕ СО ПОРАКА – Не стравувам од пуч во партијата, предвремени избори се неизбежни

Критикува буџетска дупка и игнорирање на синдикатите и обвинува за сомнителни финансиски врски со Србија, Унгарија и Русија

ФИЛИПЧЕ СО ПОРАКА – Не стравувам од пуч во партијата, предвремени избори се неизбежни

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, во интервју за Радио Слободна Европа (РСЕ) ја изнесе својата визија за иднината на државата под актуелната власт, предупредувајќи на економска криза, меѓународна изолација и сценарио „мигранти за пари“.

Тој ја обвини Владата за приближување кон режими во Србија, Унгарија и Русија, цитирајќи извештај на Европскиот парламент.

„Сведоци сме на секојдневни врски со Орбан преку кредит од милијарда евра со сомнително потекло, за кој никој не знае каде се парите. Гледаме влез на сомнителен капитал преку АЛТА банка, која беше одбиена во ЕУ, како и релации на вицепремиерот Стоиљковиќ со лица блиски на Путин“, рече Филипче.

Тој го критикуваше и економскиот менаџмент на Владата, посочувајќи на огромна буџетска дупка и игнорирање на барањата на синдикатите. Според него, државата се движи во погрешен правец и се маргинализира од меѓународните институции.

За внатрепартиските шпекулации околу негово евентуално сменување, Филипче рече дека слушнал такви тврдења, но ги оцени како невистинити.

„Имам легитимен мандат. Пред неколку месеци ме гласаа 20.000 членови да ја водам партијата во следниот четиригодишен мандат. Вратите се отворени за сите“, додаде тој.

На прашањето дали стравува од пуч во СДСМ, лидерот одговори негативно и посочи дека целта е партијата повторно да се врати на победничките патеки. Фрагментацијата во партијата, според него, оди во корист на ВМРО-ДПМНЕ и штети на граѓаните и државата.

За предвремените избори, Филипче не може да дава точни прогнози, но смета дека тие ќе се случат како резултат на кризата што ја очекува државата.

„Оваа власт се грижи само за сопствените интереси. Потребни се предвремени избори, бидејќи ситуацијата не може да се издржи до 2028 година“, рече тој.

CATEGORIES
Share This