КАМЕРИ ШТО НЕ ПРОПУШТААТ НИШТО ДЕЊЕ И НОЌЕ – Ова се деталите на кое растојание снимаат, видот и висината на казните, толеранција на брзина

Зошто „Безбеден град“ се најавува како алатка за превенција, а не само за казнување

КАМЕРИ ШТО НЕ ПРОПУШТААТ НИШТО ДЕЊЕ И НОЌЕ – Ова се деталите на кое растојание снимаат, видот и висината на казните, толеранција на брзина
Фото: Принтскрин

Со стартот на системот „Безбеден град“ на територијата на Скопје, Куманово и Тетово, како и на коридорите 8 и 10, од денеска (01.02) официјално започнува примената на системот за автоматско санкционирање на сообраќајните прекршоци. Наместо класични патроли, контролата сега се спроведува преку стационарни радарско-видео камери со висока прецизност, кои работат автоматски и без прекин.

Во моментот кога возило ќе ја надмине дозволената брзина, ќе помине на црвено светло, ќе запре на недозволено место или ќе биде забележано со истечена регистрација, системот автоматски го детектира прекршокот. Камерите работат 24 часа дневно, во сите временски услови, без потреба од физичко присуство на полиција на терен.

Брзината се мери на растојание од околу 10, па сè до повеќе од 200 метри, што значи дека возилото може да биде регистрирано многу пред возачот воопшто да ја забележи камерата.

Техничките можности на системот овозможуваат истовремено следење на повеќе сообраќајни ленти. Во зависност од локацијата, една камера може паралелно да контролира до четири ленти, во ист или спротивен правец. Во секоја од нив се следат повеќе возила во исто време, без мешање на податоците, при што прецизно се утврдува во која лента се движело возилото и со која брзина.

Камерите се опремени со инфрацрвено осветлување, што овозможува јасно снимање и ноќе. Регистарските таблички се читаат и при многу високи брзини – дури и над 200 километри на час како и во услови на дожд, магла или намалена видливост. Софтверот дополнително прави разлика меѓу типови возила и патнички, товарни, автобуси и мотоцикли што е особено важно на делници со различни ограничувања на брзината.

Откако ќе се регистрира прекршок, системот автоматски генерира т.н. доказен пакет. Тој содржи јасна фотографија од регистарската табличка, фотографија од возилото во поширок сообраќаен контекст, кратко видео од движењето, како и технички податоци: точен датум и време, локација, измерена и дозволена брзина. Сите податоци се дигитално заштитени и поврзани со конкретниот уред. Дел од доказите се доставуваат до сопственикот на возилото заедно со казната, додека останатите се чуваат за евентуална постапка или приговор.

Паралелно со тоа, системот автоматски ја чита регистарската табличка и ја споредува со релевантните бази на податоци, со што се утврдува сопственоста и статусот на регистрацијата. Доколку се детектира прикриена, оштетена или нечитлива табличка, тоа се евидентира како посебен прекршок.

Врз основа на сите собрани технички податоци се подготвува прекршочен налог во согласност со законските одредби. Самата камера не ја одредува висината на казната и таа е строго пропишана со закон, при што се применуваат и законски утврдените толеранции, особено кај мерењето на брзината.

Според новите правила, за брзини до 50 км/ч останува толеранција од 6 км/ч, што значи дека при ограничување од 30 км/ч, камерата ќе евидентира прекршок дури од 37 км/ч. За брзини од 50 до 100 км/ч, толеранцијата изнесува 9 км/ч, додека кај ограничување од 100 км/ч, прекршок ќе се евидентира дури по надминување од 12 км/ч. За прекршоците сторени во рамките на дозволената толеранција, граѓаните ќе добиваат информативна СМС-порака од МВР, со цел да им се укаже дека иако нема казна, сепак ја надминуваат законски дозволената брзина.

Според законските одредби, казните за пречекорување на брзината се движат од 20 евра за надминување до 20 км/ч, 45 евра за 20 до 30 км/ч, па сè до 300 или 400 евра и забрана за управување, во зависност од тежината на прекршокот. Во населени места казните се построги и достигнуваат до 500 евра.

За минување на црвено светло автоматски се изрекува казна од 250 евра и забрана за управување од три до 12 месеци. Управување возило со истечена сообраќајна дозвола се казнува со 100 евра за возачот и 250 евра за сопственикот.

Казните за непрописно паркирање изнесуваат од 30 до 50 евра, во зависност од прекршокот. Доколку глобата се плати во рок од осум дена, се плаќа половина од износот. Во спротивно, следува целосна наплата, со можност за присилно извршување.

Возач кој ќе добие три забрани за управување во рок од четири години автоматски ја губи возачката дозвола, а повторно полагање е дозволено најрано по една година.

Од Министерството за внатрешни работи порачуваат дека „Безбеден град“ е една од најзначајните инвестиции во сообраќајната безбедност во последните децении. Системот, велат, е насочен кон несовесните возачи и функционира без дискриминација и секој прекршок се третира еднакво.

CATEGORIES
TAGS
Share This