ЦРВЕНО СВЕТЛО, БРЗИНА, ПАРКИРАЊЕ – Од утре следуваат овие казни
По едномесечниот пробен период, системот од 1 февруари автоматски регистрира и санкционира сообраќајни прекршоци“

Периодот на опомени заврши. Од утре, 1 февруари, системот „Сејф сити“ („Safe City“) и официјално започнува со изрекување парични казни за сообраќајни прекршоци во Скопје, Тетово и Куманово.
Откако од 1 јануари системот функционираше пробно и граѓаните добиваа само опомени, од утре камерите ќе регистрираат и автоматски ќе санкционираат повеќе видови прекршоци. Меѓу нив се возење со пречекорена брзина, поминување на црвено светло, непрописно паркирање, како и управување со нерегистрирано возило или со истечена возачка дозвола.
Висина на казните за одделните прекршоци ќе изнесува: Пречекорување на брзината од 15 до 300 евра, поминување на црвено светло до 250 евра и одземање на возачката дозвола од 3 до 12 месеци, непрописно паркирање од 25 до 180 евра, нерегистрирано возило 500 евра и истечена возачка дозвола (до 30 дена) 100 евра.
За сите прекршоци важи законската можност за намалување на глобата за 50 отсто доколку таа се плати во рок од осум дена.
Инаку, законските одредби поврзани со системот „Безбеден град“ веќе се предмет на разгледување пред Уставниот суд, каде се поднесени три иницијативи за нивно оспорување. Сепак, сѐ додека Судот не донесе поинаква одлука, системот „Сејф сити“ продолжува со редовно функционирање.

