ВОДЕН БРАН ПУСТОШЕШЕ НИЗ КОСТУРИНО – Водата однесе 120 јагниња и 100 овци, сточарите спасуваа живи глави
Сточарите немале време да реагираат поради наглото надоаѓање на реката, која достигнала висина од над два метри

Поради обилните врнежи од дожд што го зафатија Струмичко, надојдената вода од Тркањска Река вчера попладне однесе 120 јагниња и околу 100 овци од шталата на сточарот Никола Колев во селото Костурино. Силниот воден бран носел сè пред себе, а целиот настан се одвивал за помалку од десет минути.
„Водата нагло надојде и достигна висина од над два метри. Немавме време да ја отвориме шталата и да ги спасиме животните. Штетата е огромна. Во еден момент постоеше реална опасност и нас да нè однесе водата, мене и брат ми Никола, но за среќа успеавме да се извлечеме“, изјави Зоран Колев, брат на сопственикот.
Штетата е пријавена во Општина Струмица, како и кај надлежните институции, кои треба да излезат на терен и да извршат проценка на загубите.
Покрај Костурино, обилните дождови предизвикаа поплави и на земјоделски површини и дворови во селата Муртино и Сачево. Градоначалникот Петар Јанков информира дека ги посетил критичните точки во Муртино и околината и дека екипи на ЈП „Комуналец“, со соодветна механизација, се постојано на терен.
„Циклонот што го зафати југоисточниот регион донесе интензивни врнежи, што резултираше со надоаѓање на реките, излевање од коритата и поплави. Нашите екипи остануваат ангажирани на сите критични локации. Дождови се најавени и во наредните денови, па состојбата внимателно ќе се следи“, изјави Јанков.
Според податоците на Управата за хидрометеоролошки работи, во Струмица досега наврнале околу 20 литри дожд на квадратен метар.

