ХИДРОЦЕНТРАЛИ ОД 2 МИЛИЈАРДИ ЕВРА – Енергија и чиста вода за регионот

Премиерот Мицкоски го потенцира значењето на вештачката интелигенција и алгоритмите за контрола на роботи

ХИДРОЦЕНТРАЛИ ОД 2 МИЛИЈАРДИ ЕВРА – Енергија и чиста вода за регионот
Фото: Принтскрин

Претседателот на Владата на Македонија, на панел дискусија во Давос, објасни дека земјата вложува во зајакнување на преносните линии за електрична енергија и гас, со цел да создаде услови за развој на вештачката интелигенција и привлекување странски директни инвестиции.

„Градиме гасен интерконектор со Грција и започнуваме со изградба на гасен конектор со Србија. Ова ќе ни овозможи зголемување на капацитетот на гас до 8 милијарди кубни метри годишно, додека досегашната потрошувачка изнесува половина милијарда кубни метри годишно. Со тоа ќе обезбедиме илјадници мегавати електрична енергија за новите центри за податоци“, изјави Мицкоски.

Тој нагласи дека за развој на центри за податоци е потребно одржливо и сигурно снабдување со електрична енергија, кое ќе овозможи оптимални перформанси на вештачката интелигенција.

Премиерот информира дека моментално се развиваат три големи проекти за хидроцентрали, со вкупна вредност од 2 милијарди евра. Овие проекти се важни не само за Македонија, туку и за целиот регион.

„Станува збор за три големи брани кои ќе создадат резервоари за чиста вода за пиење. Овие резерви се клучни со оглед на климатските промени, а каскадата се потпира на Црна Река. Низводно од каскадата се наоѓа најдоброто земјоделско земјиште во Европа, Тиквешкиот регион“, додаде премиерот.

Мицкоски подвлече дека Владата е фокусирана на енергетиката, но дека темата за вештачката интелигенција е исто така приоритетна. Тој истакна дека многу политичари ја спомнуваат вештачката интелигенција како модерен термин, без да ја разберат суштината. Премиерот посочи дека неговиот докторат од пред 16-17 години се однесувал на алгоритми за контрола на манипулативни роботи, што претставувало почеток на неговото искуство со вештачката интелигенција.

CATEGORIES
Share This