ОД ЈАВЕН СЕРВИС ДО ЕКСКЛУЗИВЕН ПРОСТОР – Билетите сè поскапи
Зголемени цени на билетите и јавните културни институции стануваат сè поскапи за граѓаните

Во последниот период, во Скопје е забележливо значително зголемување на цените на билетите во неколку клучни културни институции, меѓу кои Драмскиот театар, Филхармонијата и Националната опера и балет. Овие установи се финансираат директно од државниот буџет преку Министерството за култура, кое го покрива платниот фонд, програмските активности и материјално-техничките трошоци за нивното функционирање.
Кога културните институции се финансираат со јавни пари, нивната основна улога не е да функционираат како пазарни субјекти, туку како јавен сервис. Тоа значи дека треба да обезбедат достапност, инклузивност и еднаков пристап до културните содржини за сите граѓани, без разлика на нивната куповна моќ.
Новите ценовници покажуваат зголемување и повеќе од двојно во однос на претходните години. На пример, во Националната опера и балет цените од 300-500 денари скокнаа на 800-1.200 денари, а за одделни концерти и до 2.000 денари. Кај Драмски театар дел од репертоарот по цена од 1.000 денари додека кај Филхармонија одредени концерти до 1.300 денари.
Овие промени отвораат прашање за јавниот карактер на културните институции. Иако се воведени делегиран буџет за годишните програми, кој им дава поголема финансиска автономија на управите, суштината останува иста: средствата се од јавниот буџет и се наменети за културна дејност од јавен интерес. Целта на делегираниот буџет не е да ја претвори културата во пазарна услуга, туку да овозможи поефикасно управување.
Во практика, бидејќи јавните средства често не ги покриваат целосно трошоците, институциите се принудени дел од нив да ги надоместуваат преку повисоки цени за публиката. Така, товарот за „одржливост“ на културната понуда се префрла врз граѓаните.
Податоците покажуваат дека посетеноста и бројот на реализирани претстави и концерти се зголемени, што укажува на активна културна продукција. Сепак, зголемените цени можат постепено да ја променат структурата на публиката, оставајќи ја културата достапна првенствено за лица со повисока куповна моќ.
Иако постојат попусти за студенти и пензионери, основниот проблем останува: културните институции финансирани од јавни пари треба да бидат достапни, а не да функционираат како полуелитни простори. Културата, како јавно добро, не треба да биде луксуз, туку дел од секојдневието на граѓаните.
Културата како јавно добро не се мери само преку бројот на продадени билети, туку преку тоа кој има можност да учествува во неа. Оттука, се наметнува потребата од појасна и поодговорна културна политика која ќе обезбеди рамнотежа помеѓу финансиската автономија и јавната одговорност, за државните институции да останат отворени, инклузивни и достапни за сите, а не само за ограничен круг публика што може да си дозволи поскапи билети.

