ФИЛИПЧЕ ОСТРО – Нападнатти сме од предавниците Шилегов и Деспотовски кои се уценети или поткупени
идерот на СДСМ вели дека нема да се повлече и тврди дека партијата е целосно обединета

Претседателот на опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ), Венко Филипче, денеска изјави дека нема намера да се повлече од лидерската позиција во партијата и ги отфрли критиките од дел од поранешните функционери, нарекувајќи ги „колаборационисти на ВМРО-ДПМНЕ“.
На прес-конференција, одговарајќи на обвинувањата од поранешниот градоначалник на Скопје Петре Шилегов и ексдиректорот на ТИРЗ Јован Деспотовски, Филипче оцени дека нивните ставови целосно се поклопуваат со пораките на владејачката партија.
Според него, станува збор за лица кои се „или уценети или купени“ и кои дејствуваат во корист на лични, а не на државни интереси.
„Во време кога опозициската борба ќе се засилува, тие што одработуваат за ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ не се ништо друго туку колаборационисти. Нашата борба не е за враќање на власта во рацете на СДСМ, туку во рацете на граѓаните“, изјави Филипче.
Тој ги повика сите критичари своите забелешки да ги изнесат во партиските тела, но нагласи дека прашањата што ги поставуваат се истите што секојдневно ги упатува ВМРО-ДПМНЕ, како на пример зошто СДСМ не го поддржал проектот „Безбеден град“ или зошто не присуствувал на лидерската средба.
На прашањето дали ќе се извини на Јован Деспотовски, кого претходно го нарече „квислинг“, Филипче децидно одговори дека нема да има извинување за, како што рече, „соработници на ненародна власт“.
Филипче информираше дека пратеничката група на СДСМ е целосно синхронизирана и компактна и дека со консензус е договорен настапот во Собранието во наредниот период.
Тој истакна дека неговата стратешка цел е заздравување на општеството, борба против корупцијата и интеграција на државата во Европската Унија, предупредувајќи дека земјата, според него, се наоѓа пред економска бездна и се движи кон изолација.
Воедно, Филипче најави дека политичката партија ПОЕН, предводена од Рубин Земон, ќе се приклучи кон СДСМ.
На прес-конференцијата тој презентираше и дел од, како што рече, над илјада токсични и навредливи медиумски наслови, оценувајќи ги како дел од „координиран медиумски линч“ организиран од ВМРО-ДПМНЕ. Најави дека СДСМ ќе ја информира Европската Унија и меѓународните организации за заштита на медиумските слободи.
„Ова нема да нè запре. Напротив, ова е доказ дека сме на вистинскиот пат“, порача Филипче.

