ТАЛИР ПАК НА ПОЧЕТОК – Во еден дел настапи застареност за Груевски и Божиновски
Измените на Кривичниот законик од 2023 година доведоа до застареност за делото злоупотреба на службената положба

Судењето за случајот „Талир“ повторно е одложено, откако обвинителката Ленче Ристоска достави коригирано обвинение, а на рочиштето не се појавија адвокатот на обвинетата политичка партија ВМРО-ДПМНЕ, како и бранителот на еден од обвинетите.
Поради измените на Кривичниот законик од 2023 година и истекот на законските рокови, настапена е застареност на кривичното дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ за обвинетите Никола Груевски и Кирил Божиновски. Сепак, обвинителката Ристоска истакна дека не постојат правни пречки постапката да продолжи за делото „перење пари“, за кое застареноста настапува во 2035 година.
Во овој предмет обвинети се Никола Груевски, Кире Божиновски, Илија Димовски, Леко Ристовски и Миле Јанакиески.
„Денешното одложување значи дека судењето следниот пат повторно ќе почне од почеток, по шести пат. Во овој случај, доказната стратегија на обвинетите, меѓу другото, е насочена кон одолговлекување на постапката, бидејќи само преку застареност можат да избегнат одговорност. Станува збор за предмет за кој се свесни дека Обвинителството располага со цврсти докази“, изјави обвинителката Ленче Ристоска.
Судењето го води судијата Илија Трпков, а ново рочиште е закажано за 29 јануари, кога процесот повторно треба да започне од почеток, бидејќи поминале повеќе од 90 дена од последното одржано рочиште.
Судскиот процес за случајот „Талир“ започна во 2019 година.

