РАБОТНИЦИТЕ ВО СРЕДА ИЗЛЕГУВААТ НА УЛИЦА – Бараат минимална плата од 600 евра

Протестот започнува од зградата на ССМ и ќе продолжи пред Собранието, Стопанската комора и Владата

РАБОТНИЦИТЕ ВО СРЕДА ИЗЛЕГУВААТ НА УЛИЦА – Бараат минимална плата од 600 евра
Фото: Национал

Сојузот на синдикати (ССМ) во среда ќе одржи протест за да изрази незадоволство од незголемувањето на минималната плата на 600 евра и зголемувањето на другите плати за 100 евра. Протестот ќе започне во 17 часот пред зградата на ССМ и ќе продолжи пред Собранието, Стопанската комора и Владата.

Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, ги повика сите работници на кои не им се зголемени платите да се приклучат. Тој истакна дека 33% од вкупно 540.000 работници во Македонија живеат под прагот на сиромаштија, кој изнесува 31.200 денари.

„Време е заедно да се избориме за достоинствени плати. Ова е само првиот чекор, а во следниот период планираме дополнителни протести, таргетирани блокади и 24-часовен генерален штрајк. Ако нема слух, ќе собереме 10.000 потписи за намалување на функционерските плати за 78% и зголемување на минималната плата на 600 евра,“ рече Трендафилов.

Тој посочи дека работниците цела 2025 година се обидувале да преговараат, но резултати немало. Истакна дека поради ниските плати се иселуваат квалификувани работници, а нивните места ги пополнуваат странци.

ССМ предупредува дека македонските работници стануваат се посиромашни, а во соседните земји минималната плата е над 500 евра, освен во Косово.

CATEGORIES
Share This