ВЛАДАТА Е ПАЗАР, НЕ СМЕ ЗАИНТЕРЕСИРАНИ ЗА ВЛЕЗ – Со Мицкоски лани имавме договор за избори

Лидерот на ДУИ вели дека партијата не сака власт, туку решавање на клучни државни и регионални прашања

ВЛАДАТА Е ПАЗАР, НЕ СМЕ ЗАИНТЕРЕСИРАНИ ЗА ВЛЕЗ – Со Мицкоски лани имавме договор за избори
Фото: Принтскрин

Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21 изјави дека неговата партија во моментов не е заинтересирана да стане дел од Владата, туку да се отворат суштински теми кои се важни за стабилноста на државата и регионот.

Според Ахмети, политиката не треба да се сведе на „пазарење за власт“, туку на сериозна дискусија за прашања што директно влијаат врз меѓуетничките односи, добрососедските односи и економската стабилност.

„Ние не сме заинтересирани да станеме дел од Владата, бидејќи овие работи станаа многу пазар. За нас се важни темите – теми кои влијаат на стабилноста на државата, на добрите меѓуетнички односи и на односите со соседите“, изјави Ахмети.

Тој посочи дека постои изразено незадоволство кај Албанците во земјата, но и во поширокиот регион, конкретно во Бугарија и Грција, што, како што рече, може да има директни последици и врз внатрешните политички и економски процеси во државата.

„Сигналите не се добри. Има незадоволство внатре, особено кај Албанците, но и во регионот. Овие нерешени прашања можат директно да влијаат и кај нас. Затоа мора да се најдат решенија, за да не бидеме заложници на отворени проблеми“, нагласи лидерот на ДУИ.

Во продолжение на емисијата, Ахмети откри дека уште пред повеќе од една година имал средба со премиерот Христијан Мицкоски, на која било договорено заедно со локалните да се одржат и парламентарни избори. Според него, Мицкоски подоцна го сменил ставот.

„За парламентарни избори сум разговарал со Мицкоски многу порано. Тогаш се договоривме, паралелно со локалните избори, да имаме и парламентарни“, рече Ахмети.

Тој додаде дека на втората средба, од страна на ВМРО-ДПМНЕ биле понудени две нови опции со кои не се согласил, по што состојбата останала непроменета.

Разговорите, како што појасни Ахмети, се одржале во период кога актуелната Влада сè уште немала 100 дена од мандатот.

CATEGORIES
Share This