ОД КАДЕ СЕ ЗАЅИДАНИТЕ 350.000 ЕВРА – Судијата Ристов изјавил дека ги заработиле во семејството со продавање на грозје

Обвинителството тврди дека парите се непријавени и дека судијата не можел да ги стекне со законски приходи

ОД КАДЕ СЕ ЗАЅИДАНИТЕ 350.000 ЕВРА – Судијата Ристов изјавил дека ги заработиле во семејството со продавање на грозје
Фото: Принтскрин

Судијата Ѓоко Ристов од Апелациониот суд Скопје во своите прелиминарни изјави пред судијата на претходна постапка, во врска со определувањето притвор, тврдел дека 350.000 евра во готовина, кои биле пронајдени сокриени во дупка во ѕид во куќа во Неготино, потекнуваат од земјоделска дејност.

На новинарски прашања на денешниот брифинг во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција беше соопштено дека Ристов изјавил оти парите ги заработил од садење и продажба на грозје.

„Ќе видиме, можеби ќе приложи документација со која ќе докаже дека грозјето му било исплаќано во банкноти од по 500 евра“, иронично изјави обвинителката која ја води, како што рече, досега најголемата истрага за корупција во судството.

Таа посочи дека засега не може со сигурност да се каже дали пронајдените пари потекнуваат од конкретни судски предмети и од кои точно случаи што ги водел судијата Ристов, но нагласи дека Обвинителството интензивно работи со бројни сведоци и докази.

Здружението на судии побара темелна истрага и откривање на сите инволвирани во случајот со притворениот судија.

Хронолошки, истрагата започнала по пријавени наводи за коруптивни дејствија кај судии во Апелациониот суд Скопје.

„Се јавуваа сведоци кои тврдеа дека им било влијаено. Потоа, преку предметите што ги работевме, стануваше јасно дека нешто навистина се случува. Се анализираа телефони од други истраги, вклучително и од затворени лица, и се пронајдоа интересни разговори. Не станува збор за една дојава, туку за мозаик што се градеше околу девет месеци“, објасни обвинителката.

Таа додаде дека контурите на случајот јасно се исцртале со истрагата против Љупчо Пецов – Ѓаволот, во рамки на предметот „Синџир“.

„Не било логично осомниченото лице воопшто да не помине ниту еден ден во притвор, туку веднаш да добие куќен притвор“, истакна таа.

Обвинителството нагласи дека не е само Фехми Стафа сведок дека му давал пари на судијата Ристов за да му биде определен куќен притвор на Пецов. Се појавиле и други сведоци кои тврдат дека судијата барал мито, а сите нивни искази биле детално проверувани.

Воедно, Обвинителството ги охрабрува и граѓаните кои давале мито да пријават, посочувајќи дека давањето мито е поблаго кривично дело од примањето, и дека ќе бидат искористени законските можности за нивна заштита.

И Стафа и Ристов, како што беше потенцирано, не биле под посебни истражни мерки.

При неколку претреси на различни локации, истражителите првично не ги пронашле парите. Сепак, во куќата на родителите на Ристов во Неготино, било забележано место со понов цемент, различна фуга, скршени плочки и поинаков звук при тропање.

„Со минимално кршење се отвори дупка и почнаа да паѓаат пари, доминантно банкноти од по 500 евра“, изјави обвинителката.

На прашање дали судијата поседувал и друг непријавен имот, таа одговори потврдно.

Во однос на сомневањето за кривичното дело перење пари, обвинителката појасни дека не станува збор за класично пуштање во оптек на нелегално стекнати средства, туку дека законот го опфаќа и криењето на пари, форма што поретко се применува во пракса.

Истрагата продолжува, а дали ќе бидат опфатени и други судии осомничени за корупција, засега не се открива.

CATEGORIES
TAGS
Share This