ПЕТ ГОДИНИ БЕЗ БРАНКА СТАНКОВСКА – Жената што ја најави првата македонска ТВ-програма
Првиот глас на македонската телевизија и една од највлијателните медиумски личности

Денеска се навршуваат пет години од заминувањето на Бранка Станковска, една од најзначајните и најпрепознатливи личности во историјата на македонското радио и телевизија.
Бранка Станковска е родена на 30 април 1931 година во Скопје. Целиот свој професионален живот го посвети на Македонската радио-телевизија, каде што работеше од 1948 до 1987 година, оставајќи длабока и трајна трага во развојот на електронските медиуми во земјава.
Нејзиното име е нераскинливо поврзано со почетоците на македонската телевизија. На 5 јуни 1964 година, токму Бранка Станковска ја изговори првата најава во историјата на ТВ Скопје, при првиот телевизиски пренос од Црн Врв, емитуван преку сопствената телевизиска мрежа. Само неколку месеци подоцна, на 14 декември истата година, таа ги прочита вестите во првиот телевизиски „Весник“, со што започна редовната програма на Македонската телевизија.
Со својата дикција, професионалност и достоинствен настап, Бранка Станковска стана симбол на доверба и култура на говорот, и една од најпознатите и најценети спикерки и водителки на малиот екран.
Почина во Скопје на 21 јануари 2021 година, но нејзиниот глас и нејзиниот придонес остануваат врежани во колективната меморија на македонската јавност.

