ПОЧИНА МИЛЕНА ОД НЕГОТИНО – По неа е напишана култната песна „Милена, генерацијо моја“
Неготинчанката која го инспирираше Рајко Дујмиќ и Зринко Тутиќ за познатата песна на „Нови Фосили“ почина на 72 години.

Почина Милена, жената чија личност и животна приказна станаа инспирација за легендарниот југословенски хит „Моја Милена“ на групата „Нови фосили“.
Речиси нема човек од повозрасните генерации кој не ги знае стиховите на песната, но малкумина знаат дека таа е посветена токму на Милена од Неготино.
Музичарот Рајко Дујмиќ ја запознал на море во Херцег Нови, а нивниот разговор траел цела ноќ:
„Цела ноќ седев со неа, моја генерација, и без прекин зборувавме до рани утрински часови. Таа беше социјална работничка во Неготино. Кажав дека ќе заврши во песна. Не ми веруваше, мислеше дека тоа му го велам на секоја девојка. Но ѝ реков дека ќе се разделиме и можеби никогаш повеќе нема да се видиме, но ќе види дека никогаш не лажам.“
Средбата продолжила на концерт во Неготино, во рамките на турнејата „Милена генерацијо“. Дујмиќ се сеќава на моментот кога ја сретнал повторно:
„Ми пријде редарот и ми кажа дека ме бара една жена со две деца и сопругот. Беше тоа мојата Милена. Кога ме виде, почна да плаче и ми кажа дека не може да верува дека вакво нешто е можно. Тогаш ѝ кажав дека човек се држи за збор, а вол за рогови.“
Песната е објавена во 1983 година на албумот Послије свега. Текстот е дело на Зринко Тутуќ, а музиката и аранжманот се на Дујмиќ. Од тогаш, песната стана безвременска, препознатлива од генерации слушатели и се смета за класика на југословенската музичка сцена.
Со својата нежност, топлина и искреност, Милена остави траен печат и стана симбол на моменти кои инспирирале музика и емоции за цел живот. Нека нејзиниот живот и приказната што ја инспирираа песната останат вечна инспирација.
Рајко и Милена беа родени во 1954 година. Дујмиќ почина во 2020 година како последица на сообраќајна несреќа.

