ЗДРУЖЕНИЕ НА СУДИИ – Чесните судии да се заштитат, корупцијата да се казни
Здружението на судии ја поддржува истрагата и повикува на почитување на презумпцијата на невиност

Здружението на судии на Македонија соопшти дека внимателно ги следи случувањата поврзани со приведувањето на судија од Апелациониот суд во Скопје и изрази поддршка за надлежните институции во борбата против организираниот криминал и корупцијата, вклучително и на највисоко ниво.
Од Здружението очекуваат надлежните органи да спроведат темелна, прецизна и транспарентна истрага, со цел целосно утврдување на сите факти и околности, како и евентуалната вмешаност на други лица, доколку таа постои. Притоа, се нагласува дека постапката мора да биде неселективна и во целост спроведена согласно законските процедури.
Здружението јасно се оградува од секој корумпиран судија или носител на судска функција кој со незаконско постапување го нарушува угледот и интегритетот на судскиот систем. Воедно, потенцираат дека ваквите случаи не смеат да се генерализираат и да се поврзуваат со судиите кои чесно, професионално и одговорно ја извршуваат својата функција, а кои, како што наведуваат, претставуваат огромно мнозинство во судството.
Се повикува на целосна заштита на угледот и достоинството на чесните судии и на воздржаност од генерализации што дополнително ја поткопуваат довербата на граѓаните во правосудниот систем. Од Здружението оценуваат дека истиот принципиелен и одговорен пристап треба да важи и за сите други општествени чинители и функционери склони кон коруптивно однесување, бидејќи токму таквите појави со години придонесуваат за ерозија на довербата во институциите.
Здружението на судии нагласува дека останува посветено на зајакнувањето на владеењето на правото, независноста и интегритетот на судството, како и на враќањето на довербата на граѓаните во правдата и институциите. Во соопштението се потсетува и на уставното начело на презумпција на невиност, кое мора доследно да се почитува во секоја постапка.
Во актуелниот момент, според Здружението, на граѓаните не им е потребен сензационализам, ниту од органите на прогонот, ниту од политичките структури, туку достоинствен пристап, неселективност, отчетност и целосно почитување на човековите права и европските вредности кон кои се стреми државата.

