НОВ ШЕФ НА ОЈО СКОПЈЕ – Избран Анел Фидовски
Со седум гласа „за“, Советот на јавни обвинители му ја даде довербата на Анел Фидовски

Анел Фидовски е избран за нов јавен обвинител на Основното јавно обвинителство Скопје, соопшти претседателот на Советот на јавни обвинители, Башким Бесим, по завршувањето на денешната седница. Фидовски доби седум гласа „за“, со што ја обезбеди поддршката од мнозинството членови на Советот.
„Резултатите се јасни – освои седум гласа. На интервјуто покажа добри перформанси и дел од членовите оценија дека заслужува да му се даде шанса, што и ќе го направиме“, изјави Бесим.
Во однос на неговото изјаснување со глас „воздржан“ за досегашниот шеф на обвинителството, Гаврил Бубевски, Бесим нагласи дека ваквиот начин на гласање е честа практика во Советот, иако не е прецизно регулиран со закон.
„Воздржани гласови често се користат. Законот не го уредува ова прашање јасно, поради што инсистираме во новото законско решение ова да биде прецизно дефинирано“, рече тој.
Бесим додаде дека сите пет кандидати кои се пријавиле на конкурсот ги исполнувале формалните услови и дека не биле утврдени сериозни неправилности во постапката.
Според конечните резултати од гласањето, Фидовски доби најголема поддршка со седум гласа „за“. Гаврил Бубевски кој предложил и програма освои пет гласа, Тања Трајчевска и Спасенка Андонова по еден, додека Дејан Петрески не доби ниту еден глас „за“.
Новоизбраниот шеф, Анел Фидоски, има 11-годишно обвинителско искуство. Како обвинител во скопското Јавно обвинителство, во јавноста е препознатлив по неколку позначајни предмети, меѓу кои и гонењето на обвинетите за убиството на Никола Саздовски, член на навивачката група „Комити“.
Фидоски го презеде и долгогодишниот судски предмет познат како „Тенковски делови“, во кој меѓу обвинетите беше и поранешниот премиер Владо Бучковски. По маратонското судење, на едно од завршните рочишта, обвинителот ја преквалификуваше кривичната пријава, што доведе до застарување на предметот. Ваквата одлука тој ја образложи со тоа дека Министерството за одбрана не пријавило значителна материјална штета.
Обвинителот Фидоски го застапуваше и предметот за малата Тамара, кој исто така заврши со застарување, откако кривичното дело беше преквалификувано во завршниот збор.
Во негова надлежност моментално е и предметот „Усје“, покренат по кривична пријава поднесена од поранешната градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска.

