СДСМ НА 24 ЈАНУАРИ СО ОТЧЕТЕН КОНГРЕС – Ќе се анализираат локалните избори

На отчетниот конгрес на 24 јануари ќе се разгледуваат резултатите од локалните избори и кадровските прашања во партијата

СДСМ  НА 24 ЈАНУАРИ СО ОТЧЕТЕН КОНГРЕС – Ќе се анализираат локалните избори
Фото: Принтскрин

Опозицискиот СДСМ на 24 јануари ќе одржи отчетен конгрес, на кој една од клучните точки ќе биде анализата на резултатите од локалните избори. Потпретседателката на партијата и пратеничка, Јованка Тренчевска, во интервју за емисијата „360 степени“ на МРТ 1 изрази уверување дека Конгресот ќе биде успешен и дека ќе присуствува мнозинството делегати, и покрај шпекулациите за можен бојкот.

„Верувам дека ќе имаме успешен конгрес на кој ќе дојдат мнозинството делегати. Немам информации дека постојат партиски структури кои работат против одржувањето на Конгресот или против обезбедување кворум“, изјави Тренчевска.

Таа посочи дека како највисок орган на партијата, Конгресот е вистинското место за искрена и отворена дискусија за сите прашања кои се важни за функционирањето и иднината на СДСМ, вклучително и изборните резултати.

Во однос на јавните толкувања на повикот на партискиот лидер Венко Филипче до делегатите да присуствуваат на Конгресот, Тренчевска смета дека станува збор за нормален повик за учество и дебата, а не за знак на загриженост од можен неуспех.

„Повикот е насочен кон тоа делегатите да дојдат и да се разговара за сите важни прашања, со цел подобра организација и посилно функционирање на партијата“, нагласи таа.

На Конгресот ќе се отвори и прашањето за заменик-претседателската позиција, откако во декември целото раководство на СДСМ поднесе оставка, освен претседателот Филипче. Според статутот, оваа функција се потврдува или избира на Конгрес.

„Одлуката ќе ја донесат делегатите. Тоа е демократска процедура“, рече Тренчевска, додавајќи дека има одлична соработка со досегашната заменик-претседателка Фани Каранфилова-Пановска и смета дека таа има квалитети кои придонесуваат за партијата.

Во врска со наводите за можни иницијативи за формирање независна граѓанска платформа од поранешни и актуелни членови на СДСМ, Тренчевска порача дека сите партиски прашања треба да се решаваат внатре во партијата.

„Местото на секој искрен член е во СДСМ. Партијата нуди простор за дебата на сите нивоа – од месни заедници до Конгресот. Одлуките не ги носи поединец, туку се резултат на дебата и колективен процес“, истакна таа.

CATEGORIES
Share This