ЗАВИСИ ОД АМЕРИКАНСКИТЕ ОДОБРЕНИЈА – MOL го финализира купувањето на НИС до март
Рамковниот договор ја дефинира временската рамка за длабинска анализа на работењето на НИС

Унгарската компанија „MOL Group“ потврди дека денеска ги потпишала главните одредби од обврзувачки рамковен договор со руската компанија „Гаспромњефт“ за купување на 56,15% од акциите во српската Нафтена индустрија на Србија (НИС).
Во соопштението, MOL истакнува дека води преговори со националната нафтена компанија на Обединетите Арапски Емирати (ADNOC) за влегување како малцински акционер во сопственичката структура на НИС.
За финализирање на трансакцијата, потребна е согласност од OFAC (Канцеларија за контрола на странски средства при Министерството за финансии на САД), како и од други државни и регулаторни органи во Србија.
Рамковниот договор ја утврдува клучната содржина на договорот за купопродажба, вклучително и временската рамка за спроведување детална анализа на работењето на НИС и добивање на потребните регулаторни одобренија. Според MOL, страните планираат да го потпишат конечниот договор за купопродажба до 31 март оваа година.

