РАСМУСЕН ОСТРО ДО ТРАМП – Постојат граници што не смеат да се преминат
Данскиот министер за надворешни работи оценува дека новата реторика од Вашингтон го нарушува договорот за институционален дијалог за Гренланд

Данскиот министер за надворешни работи, Ларс Леке Расмусен, изјави дека изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп го нарушиле претходно договорениот процес за решавање на спорот околу Гренланд со Соединетите Американски Држави. Тој ги повика сојузниците да се обединат во одбраната на принципите на суверенитет и територијален интегритет, нагласувајќи дека правилата на меѓународниот поредок не смеат да бидат компромитирани.
По средбата во Лондон со британската министерка за надворешни работи Ивет Купер, Расмусен изјави дека Данска минатата недела постигнала договор со Гренланд и САД за формирање заедничка работна група, чија цел била отворените прашања да се разгледуваат во институционална рамка. Сепак, според него, овој договор бил доведен во прашање поради новата реторика од Вашингтон.
Како што пренесува „Гардијан“, Расмусен ѝ се заблагодари на Велика Британија за поддршката на Данска и Гренланд, како и на британскиот премиер Кир Стармер за јасните пораки за почитување на меѓународното право, додавајќи дека очекува Лондон цврсто да застане зад Копенхаген.
„Се договоривме чувствителните прашања да ги тргнеме од социјалните мрежи и јавните арени и да ги префрлиме во простор за сериозна дискусија, каде што може да се бараат решенија“ – рече Расмусен, додавајќи дека, иако проблемот не е целосно решен, постои пат напред.
Тој истакна дека изјавите на Трамп го нарушиле процесот на решавање на несогласувањата околу Гренланд и дека токму поради тоа е од клучно значење Европската Унија и нејзините сојузници јасно да ги бранат принципите на суверенитет и територијален интегритет.
Расмусен нагласи дека нема намера дополнително да ја ескалира ситуацијата, но изрази изненадување од најновиот развој на настаните, потсетувајќи на долгогодишната соработка меѓу Данска и САД, вклучително и учеството на данските сили во мисијата во Авганистан, објави данскиот јавен сервис ДР.
„Постојат јасни граници што никој, па ни американскиот претседател, не треба да ги преминува“ – рече Расмусен, додавајќи дека е неопходно да се испрати јасна порака дека суверенитетот на државите мора да се почитува.
Тој заклучи дека меѓународниот правен поредок не смее да биде предмет на компромис.
„Доколку не одговориме решително, испраќаме сигнал на слабост. Сите што веруваат во меѓународното право мора да проговорат и да покажат дека овој пат не е прифатлив“ – порача данскиот министер.


