КАДЕ ИСЧЕЗНА ЃОКО РИСТОВ – 350.000 евра пронајдени, од судијата ни трага ни глас

По пронаоѓањето 350.000 евра во ѕидот од куќата на родителите, судијата не се појавува на работа, а телефонот му е исклучен

КАДЕ ИСЧЕЗНА ЃОКО РИСТОВ – 350.000 евра пронајдени, од судијата ни трага ни глас

Пронајдените околу 350 илјади евра недекларирани пари, скриени во специјално соѕидан простор во ѕидот од куќата на родителите, претставуваат еден од клучните материјални докази во истрагата за сомнеж за корупција против судијата од Апелациониот суд во Скопје, Ѓоко Ристов.

Случајот е директно поврзан со апсењето на адвокатот Фехми Стафа во средината на декември, кој беше приведен под сомнение дека примил мито од 50 илјади евра за противзаконито влијание врз судска одлука.

Од Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција не откриваат дали судијата Ристов е лоциран или се наоѓа во бегство, но потврдуваат дека истрагата започната пред неколку месеци и натаму интензивно продолжува.

„Во рамките на опсежна истрага, по сомничењето на адвокат на 14 декември за кривично дело – примање награда за противзаконито влијание, континуирано се преземаат дејствија кои доведоа до проширување на постапката и кон судија од Апелациониот суд во Скопје. Тој се сомничи за противправно стекнување и прикривање имот, за кој постојат основани сомнежи дека е прибавен преку корупција и трговија со влијание“, соопштија од Обвинителството.

Надлежните оценуваат дека станува збор за една од најобемните истраги за корупција на високо ниво во државата досега, која е поткрепена со информации и извештаи од Агенцијата за национална безбедност. Акцијата е координирана од Јавното обвинителство, а во неа учествуваат и Секторот за борба против организиран криминал при МВР и Дирекцијата на финансиската полиција.

Од Финансиската полиција информираат дека претресот бил извршен во домот на родителите на осомничениот судија, при што во скриен простор во ѕидот биле пронајдени и одземени околу 350.000 евра, за кои постои сомнеж дека потекнуваат од незаконски активности поврзани со корупција и трговија со влијание.

Дополнително, пред една недела судијата Ристов доставил известување дека заминува на боледување, по што не се појавил на работното место. Неговиот мобилен телефон, според информациите, не е активен повеќе од еден месец.

Сите овие случувања се поврзуваат со истрагата против адвокатот Фехми Стафа, кој беше уапсен откако беше затекнат со 50.000 евра мито, за кое постојат сомнежи дека било наменето за влијание врз судија од Апелациониот суд во Скопје.

CATEGORIES
TAGS
Share This