Е-УСЛУГА НА ХАРТИЈА – Онлајн апликација, шалтерско подигање

Министерството тврди дека системот е во финална тест-фаза

Е-УСЛУГА НА ХАРТИЈА – Онлајн апликација, шалтерско подигање
Фото: Национал

И по една година од најавите, граѓаните и понатаму не можат целосно дигитално да ги добијат потребните документи, туку се приморани да чекаат пред шалтерите. Иако Законот за електронски документи стапи во сила уште во јануари минатата година, при аплицирање за изводи од матичните книги преку порталот е-услуги се добива известување дека барањето е успешно поднесено, но документот не може да се преземе во електронска форма. Наместо тоа, граѓаните мора повторно да се појават на шалтер и да го подигнат хартиениот примерок.

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски во интервју за Радио Слободна Европа најави дека наскоро сите потврди од матичната евиденција ќе бидат достапни електронски.

„Во тек се измени за четирите услуги на Управата за водење матични книги – извод од родени, венчани, умрени и потврда за слободна брачна состојба. За кратко време, услугите ќе бидат целосно префрлени на националниот портал и документите ќе може да се добијат електронски. Граѓаните ќе може да изберат дали ќе ги подигнат на шалтер или ќе ги добијат по пошта“, рече Андоновски.

Тој се осврна и на темата бесплатен роаминг со Европската Унија, позната како „роаминг како дома“, што првично беше најавувана за септември, па за декември, а сега според министерот е извесно дека ќе се реализира оваа година во пакет со Црна Гора и Албанија.

„Оценив дека до крајот на 2025 година ќе ги исполниме сите услови, но поради комплексноста остануваат уште четири регулативи за усогласување. Рокот го поместуваме до февруари 2026 година. Важен е и политичкиот дел и создавање позитивен притисок за прашањето ‘Роаминг како дома’ да стане приоритет за Западен Балкан“, изјави министерот.

Иако Македонија беше посочувана како идна земја со бесплатен ЕУ-роаминг, поради необезбедени реформи тоа досега не се реализираше. Во меѓувреме, Европската комисија потврди дека Украина и Молдавија ќе ја добијат таа поволност.

CATEGORIES
Share This