ИНЦИДЕНТ НА ПОПОВА ШАПКА – Националниот парк тврди дека бил нападнат од оператори на ратрак

Националниот парк истакнува дека дел од присутните лица влегле во конфликт и ја нарушиле безбедноста на вработените

ИНЦИДЕНТ НА ПОПОВА ШАПКА – Националниот парк тврди дека бил нападнат од оператори на ратрак

Препукувањата помеѓу Јавната установа Национален парк „Шар Планина“ и операторот што врши скијање со ратрак-машини надвор од скијачкиот центар Попова Шапка продолжуваат по вчерашниот инцидент на терен.

Од Националниот парк истакнуваат дека веќе четврта година континуирано работат на регулирање на оваа дејност во рамки на своите законски овластувања. Според нив, скијањето со ратрак е дозволено исклучиво под строго утврдени правила и согласно Планот за управување со Паркот.

Службените лица постапувале исклучиво во рамки на своите овластувања, со цел контрола на спроведувањето на законите и заштита на природните вредности на Шар Планина. Од Паркот нагласуваат дека инцидентот, во кој биле вклучени вработени во установата, претставува напад врз институцијата и правниот поредок, при што биле загрозени достоинството, безбедноста и здравјето на службените лица.

На местото на настанот, покрај директорот на Националниот парк и раководителот на Одделението за заштита на природата, биле присутни чувари на природа, лица ангажирани од операторот, приватно обезбедување, сопственикот на хотел „Арена“ и голем број туристи. Националниот парк тврди дека дел од ангажираните лица влегле во конфликт со вработените и ја попречиле нивната работа. Поради тоа, во 9:15 часот бил упатен повик за полициска поддршка на бројот 112.

И покрај повикот, наведуваат од Паркот, не биле преземени мерки против сторителите, ниту било спречено понатамошното користење на возилата. Поради сериозноста на случајот, поднесена е пријава во Полициската станица во Тетово, со барање за дополнителна и темелна истрага за законитоста на постапувањето на терен.

Дополнително, за време на давањето изјава во полиција, на сметката на Националниот парк пристигнала уплата од 300.000 денари од ресторан „Арена“, со назначена намена аванс за вршење дејност со ратрак. Од Паркот посочуваат дека ресторанот не е оператор, нема договор со институцијата и не поседува соодветни лиценци, па средствата ќе бидат вратени, а случајот е пријавен и до Секторот за економски криминал.

CATEGORIES
TAGS
Share This