ФИЛИПЧЕ И ЗАЕВ САКАЛЕ ДА ЈА ПРЕЗЕМАТ БОЛНИЦАТА ЖАН МИТРЕВ – Филипче најавува тужби за клевета
Жан Митрев повикан да поднесе кривична пријава доколку има докази

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, денеска упати сериозни обвинувања кон претседателот на СДСМ, Венко Филипче, и поранешниот премиер Зоран Заев, повикувајќи се на изјава од докторот и сопственик на приватната клиника „Жан Митрев“.
Според Стојаноски, во периодот кога СДСМ била на власт, преку институционален притисок наводно било направено обид да се одземе сопственоста на болницата, при што биле блокирани сметки и воведени мерки за ограничување на располагањето со имот.
Пратеникот побара Јавното обвинителство веднаш и без селекција да го истражи случајот.
На изнесените тврдења остро реагираше Венко Филипче, опишувајќи ги како дел од брутална црна кампања и јавен линч што, според него, актуелната власт одамна го води против него.
Филипче ги демантираше наводите за било каков рекет или притисок кон Жан Митрев и оцени дека обвиненијата ја надминуваат секоја политичка и морална граница. Тој најави институционален и правен одговор, вклучително и тужби против, како што рече, нарачателите и извршителите на клеветите.
Дополнително, Филипче директно го повика Жан Митрев, доколку располага со конкретни докази, да поднесе кривична пријава до обвинителството, бидејќи единствено институционално дејствување може да ја утврди вистината.
Во своето обраќање, Филипче оцени дека ваквите политички напади служат за одвлекување внимание од суштинските проблеми во државата, како што се буџетскиот дефицит, економската состојба и корупцијата. Тој порача дека граѓаните заслужуваат политика насочена кон подобар стандард и европска перспектива.


