АМБАСАДОРОТ НИКОВСКИ – Се залажуваме дека имаме стратешки односи со САД
Декларацијата за стратешко партнерство е симболична и нема практична вредност

Поранешниот македонски амбасадор Ристо Никовски во врска со одлуката на САД за стопирање на обработката на имигрантски визи за македонските државјани, оценува дека не претставува изненадување. Според него, изборот на земји што се најдоа на листата од 75 држави, меѓу кои е и Македонија, не е случаен.
„Најновата мерка на САД за прекин на издавањето имигрантски визи, која вклучува 75 земји, е дел од пошироката политика на администрацијата на претседателот Доналд Трамп кон мигрантите, со која се погодени милиони луѓе ширум светот. Листата на земји е резултат на анализи според кои одреден процент на апликанти од овие држави досега завршувале како социјални случаи. Кој сака такви дојденци“ – истакнува Никовски.
Тој додава дека западните земји, особено САД, Австралија и Канада, внимателно го следат користењето на визите и злоупотребите како продолжен престој над дозволеното, па затоа третманот при издавањето на визи често зависи од однесувањето на граѓаните на односната држава.
„Нашиот рејтинг врз таа основа не е висок, за што имам директни потврди од Австралија“ – нагласува поранешниот амбасадор.
Според Никовски, Македонија нема посебни односи со САД:
„Се залажуваме дека имаме договор за стратешко партнерство. Тоа е мит. Имаме само декларација од половина страница, добиена како „утешна награда“ од Џорџ Буш Помладиот по неисполнетата најава дека Македонија ќе стане членка на НАТО во Букурешт во 2008 година. Таа нема практично значење. Ние сме стратешки партнер на САД само затоа што правиме сè што ќе побараат, но тоа не значи дека сме нивни пријатели. Зошто Србија не е на листата? Веројатно поради подобриот рејтинг во однос на користење на американски визи. До кога ќе трае мерката? Никој не знае“ – заклучува Никовски.


