ГРИПОТ СЕ ШИРИ БРЗО Над 2.300 нови случаи, засега нема продолжување на училишниот распуст

Избегнување групирања и останување дома при симптоми

ГРИПОТ СЕ ШИРИ БРЗО Над 2.300 нови случаи, засега нема продолжување на училишниот распуст
Фото: Принтскрин

Во периодот од 5 до 11 јануари се регистрирани 2.322 случаи на грип – зголемување од 34,6 проценти во однос на претходната недела. Вирусот има средно ниво на активност на национално ниво. Иако бројот на заболени расте, тоа е очекувано за ова време од годината, изјави раководителот на одделот за епидемиологија при Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), д-р Драган Кочински.

Тој нагласи дека пикот на сезоната се очекува од крајот на јануари до средината на февруари, а оваа година растот на заболените почнал нешто порано од вообичаено.

Според Кочински, моменталната средна активност на грипот не наложува воведување построги мерки, како продолжување на зимскиот распуст. Доколку има промени, ќе бидат предложени нови препораки. Забележливо е зголемување на хоспитализациите кај деца и возрасни, но клиничките капацитети сè уште не се исполнети. Комисијата за заразни болести заседавала и ќе ги објави следните препораки. На оние што посетуваат болници им се препорачува носење маски.

Во однос на истиот период минатата сезона, бројот на заболени е зголемен за 2,2 пати, а во споредба со просекот од последните 15 години – за 39,1 процент.

Најмногу случаи – 1.378 се кај лица од 15 до 64 години, а највисока инциденца има кај деца под 14 години. Случаи се регистрирани во 25 од 31 регион. Најмногу заболени има во Скопје (556), а следат Тетово (308), Куманово (266) и Охрид (202). Во пет региони е забележана многу висока активност на грипот.

Во втората недела од јануари пријавен е еден смртен случај – жена на 75 години од Скопје со придружни болести, невакцинирана против грип и со лабораториски потврден инфлуенца А.

Од 99 тестирани материјали, 26 се позитивни на грип, седум на респираторен синцициски вирус, а еден на ковид-19.

Од почетокот на сезоната (октомври – 11 јануари) се регистрирани 6.147 заболени, што е 2,6 пати повеќе од истиот период лани. Само Берово, Делчево и Пехчево сè уште немаат пријавено случај на грип.

Од 515 анализирани лабораториски примероци, 65 се позитивни на инфлуенца А, најчесто со варијантата АХ3. Детектирани се и шест случаи на ковид-19 и 21 на респираторен синцициски вирус.

Кочински потсетува на основните мерки за заштита: избегнување големи групирања, проветрување на просториите, топла облека, внес на витамини, одмор и останување дома при појава на симптоми. Децата со респираторни симптоми не треба да посетуваат училиште или градинка. Во случај на влошување, неопходна е консултација со матичен лекар или инфектолог.

Најдобра превенција и натаму останува вакцинацијата против грип – сезонава се вакцинирани повеќе од 79.000 граѓани.

CATEGORIES
TAGS
Share This