НА ПОВИДОК УКИНУВАЊЕ ПОВРАТОТ НА ДДВ – Мерката „Мој ДДВ“ е скап проект со слаб ефект, вели Петрова
Директорката на УЈП најавува континуирана евалуација на ефективноста на мерката

Иако во моментов не се размислува за укинување на мерката „Мој ДДВ“, директорката на УЈП, Елена Петрова, предупредува дека таа претставува значителен трошок за државниот буџет и не ја исполнува својата главна цел – сузбивање на сивата економија.
Во телевизиско интервју Петрова ги презентираше финансиските ефекти на мерката за 2025 година. На секои три месеци се исплаќаат околу 14,5 милиони евра на граѓаните а просечно 502.000 граѓани активно скенираат фискални сметки со што мерката троши околу 4% од годишниот ДДВ приход, што е еквивалент на половина месечен приход од ДДВ.
Целта на „Мој ДДВ“, воведена во 2019 година, беше граѓаните да станат „даночни инспектори“, со цел намалување на непријавената трговија и поттикнување на издавање фискални сметки. Сепак, според Петрова, очекуваните резултати не се постигнати.
„Состојбите на терен и внатрешните податоци јасно покажуваат дека мерката не дала посакуван ефект“, истакна таа.
И покрај високите трошоци и слабиот ефект, Петрова уверува дека засега нема одлука за укинување на мерката.
„Не можам да кажам дека постои конкретна одлука или намера за запирање. Но, кога се трошат јавни средства, треба постојано да се разговара за ефикасноста“, заклучи директорката.


