БЛОКАДА ПРЕД УЈП – Кумановци бараат признавање на данок платен во Ирак и Авганистан

Неформалните средби не донесоа резултати и кумановските печалбари велат дека институциите ги одбиле нивните документи за платен данок.

БЛОКАДА ПРЕД УЈП – Кумановци бараат признавање на данок платен во Ирак и Авганистан
Фото: Национал

Кумановци кои пред години работеа во Ирак и Авганистан повторно излегоа на протест пред Управата за јавни приходи во Куманово. Тие бараат јавна средба со премиерот Христијан Мицкоски, директорката на УЈП Елена Петрова и градоначалникот Максим Димитриевски.

Како што објасни Жикица Миланов, фирмите за кои работеле веќе платиле 15% данок во Ирак, но македонските институции не ги признаваат овие документи.

“Ирачките власти не можат да ни издадат официјален документ како странски државјани, а процедурата е многу сложена. Бараме Министерството за надворешни работи и Владата да ни ги обезбедат документите преку службени канали,” рече Миланов.

Зоран Наковски додаде дека на претходна неформална средба им било ветено отворање канцеларии во секоја подрачна единица и признавање на сите доставени докази, но ветувањата не се реализирале.

“Секојдневно носиме документи во УЈП, но добиваме само негативни одговори,” изјави Наковски.

Досега се одржаа два протести, на кои печалбарите побараа ослободување од плаќање данок, бидејќи 183 дена биле надвор од земјата, а компаниите веќе платиле данок во странство. Сега тие бараат решенијата на УЈП да се стопираат додека не се докаже дека данокот е веќе платен.

Од денеска до петок, секојдневно ќе ја блокираат крстосницата пред зградата на УЈП, додека нивните барања не бидат разгледани јавно и во присуство на медиумите.

CATEGORIES
Share This