ТРАМП: ЈАС СУМ ЗАКОНОТ – Не ми треба меѓународно право
Заканите на Доналд Трамп и неизвесноста околу НАТО повторно ја отворија дебатата за европската нуклеарна безбедност

Мене не ми треба меѓународно право, изјави Доналд Трамп во интервју за „Њујорк тајмс“, нагласувајќи дека единственото ограничување во неговата надворешна политика е сопствениот морал. Тој дури навести дека би можел да избере меѓу Гренланд и НАТО, оценувајќи дека Алијансата не постои без САД.
Првата година од вториот мандат на Трамп донесе драматичен пресврт во американската политика. Наместо повлекување од НАТО, САД сè поотворено ја користат европската зависност за политички притисок, оценува шведскиот весник „Дагенс Нихетер“.
Во ваков контекст повторно се отвора табу-темата за нуклеарната безбедност во Европа. Војната во Украина и руските нуклеарни закани ја засилија загриженоста дека американскиот нуклеарен чадор повеќе не е сигурен.
Според „Ројтерс“, Пентагон им порачал на европските дипломати дека имаат околу една година да преземат поголема одговорност за сопствената одбрана. Франција и Велика Британија веќе понудија нивното нуклеарно одвраќање да ја заштитува Европа, а разговори се водат и со Германија.
Особено одекна изјавата на бригадниот генерал Франк Пајпер, кој предупреди дека Германија повеќе не може да се потпира на САД и мора да размислува за сопствено нуклеарно одвраќање. Сличен став има и ЦДУ, но со предлог Германија да учествува финансиски во заеднички европски систем, без сопствено производство и контрола.
СПД остро се спротивставува, предупредувајќи дека ширењето на нуклеарното оружје води кон поголема несигурност и „нуклеарен Армагедон“.
Дебатата што долго беше ограничена на безбедносните кругови сега отворено влегува во европската политика, поттикната од неизвесноста околу САД и иднината на НАТО.


