НОВИ ЛИЦА ВО СУДСКИОТ СОВЕТ – Избрани две нови членки

Шахиновиќ и Јошевска-Анастасовска добија мнозинство гласови за изборот во Судскиот совет

НОВИ ЛИЦА ВО СУДСКИОТ СОВЕТ – Избрани две нови членки
Фото: Принтскрин

Вонредната професорка Арлинда Кадри Шахиновиќ и адвокатката Сузана Јошевска-Анастасовска денеска беа избрани за членки на Судскиот совет, по гласањето во Собранието на предлозите на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

Сиљановска-Давкова пред пратениците нагласи дека изборот е направен врз основа на стручност, компетентност и професионален кредибилитет, а не по родова припадност. Таа истакна дека реформите во правосудството треба да ги водат докажани и препознатливи личности, кои ќе придонесат за воспоставување јасни критериуми при изборот и одговорноста на судиите, како и за поаргументирани извештаи од Судскиот совет.

За изборот на Шахиновиќ гласаа 63 пратеници, 15 беа против, а еден воздржан, додека Јошевска-Анастасовска доби 81 глас „за“, со осум против и еден воздржан. Единствено ДУИ јавно се изјасни против изборот на Шахиновиќ, поради нејзиното претходно членство во Комисијата за помилување.

Новите членки доаѓаат со богати биографии, мотивациски писма и препораки од истакнати академици и професионалци. Јошевска-Анастасовска во своето писмо вети професионален интегритет пред политиката и популарноста, истакнувајќи дека Советот треба да носи аргументирани и принципиелни одлуки, дури и кога не се популарни. Шахиновиќ достави девет препораки, меѓу кои и од академик Владо Камбовски и професорот Гордан Калајџиев.

Со изборот на двете нови членки се пополнуваат местата на Миљазим Мустафа и поранешната претседателка Весна Дамева. Сепак, во Советот остануваат уште две слободни позиции, за кои ќе следат нови огласи согласно новиот Закон за Судски совет.

CATEGORIES
Share This