БЕЗ ПОДРШКА ОД ДУИ – „Сејф сити“ не може да се применува
Предвидени се построги казни, вклучително трајно одземање на возилото и возачката дозвола

Под знак прашалник е дали од 1 февруари ќе започне примената на системот „Сејф сити“ за автоматско казнување на возачите, како што најави министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски. Сè уште во Собранието на Македонија не е обезбедено потребното двотретинско за усвојување на измените на Законот за прекршоците.
Опозициската ДУИ, предводена од Али Ахмети, засега не ја поддржува иницијативата на владејачкото мнозинство. Без гласовите на оваа партија не може да се обезбеди мнозинство што е уставен услов за донесување на законот.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, изјави дека меѓу пратеничките групи сè уште нема политички договор за измените. Тој посочи дека на досегашните координации немало суштински забелешки за содржината на законските решенија, туку прашањето е исклучиво политичко. Доколку се постигне договор, измените веднаш ќе бидат ставени на дневен ред на пленарна седница.
Со предложените измени, прекршоците евидентирани преку камерите на „Сејф сити“ ќе се доставуваат електронски – преку СМС или е-пошта до сопственикот на возилото. Во известувањето ќе има линк преку кој може да се преземе записникот и платниот налог. Доколку сопственикот не го отвори линкот во рок од 24 часа, ќе следи второ известување, а рокот за преземање на документите ќе изнесува осум дена. По истекот на овој рок, доставата ќе се смета за уредна, дури и ако документите не се преземени. Законските измени предвидуваат и можност доставата да се врши преку дигитална апликација.
Покрај електронската достава, се воведуваат и построги санкции – трајно одземање на возилото за возачи фатени под дејство на алкохол или дрога и одземање на возачката дозвола. Сепак, без обезбедено парламентарно мнозинство, почетокот на примената на „Сејф сити“ останува неизвесен.


