ДОМИНИРА НА ЗЛАТНИТЕ ГЛОБУСИ – Ова е филмот

Акционата комедија освои четири награди, вклучувајќи најдобар филм и споредна женска улога

ДОМИНИРА НА ЗЛАТНИТЕ ГЛОБУСИ – Ова е филмот
Фото: Принтскрин

Филмот „Една битка по друга“ се истакна како фаворит на претстојните Оскари, откако освои четири награди на 83. доделување на Златните глобуси. Акционата црна комедија беше прогласена за најдобар филм во категоријата мјузикл/комедија, додека Пол Томас Андерсон ја понесе наградата за најдобра режија и најдобро сценарио. Тејана Тејлор го освои признанието за најдобра споредна женска улога.

Сепак, во категоријата најдобар актер, Тимоти Шаламе го победи Леонардо ДиКаприо, освојувајќи го својот прв Златен глобус за улогата на пингпонгарот Марти Маузер во биографскиот филм „Марти величествениот“. Шаламе го доби првиот глобус по пет номинации.

Во драмската категорија, „Хамнет“, адаптација на истоимениот роман за смртта на синот на Вилијам Шекспир, беше прогласен за најдобра драма, а Џеси Бакли ја понесе наградата за најдобра актерка. „Беше неверојатно искуство да се биде дел од ова снимање. Приказната ја раскажувавме со меѓународна екипа од Британија, Кина, Ирска и Полска. Ова е вистинска чест“, изјави Бакли.

Две награди освои и филмот „Тајниот агент“, за најдобар странски филм и за најдобар актер во драма (Вагнер Моура). Роуз Бирн го освои Златниот глобус за најдобра актерка во комедија/мјузикл за улогата во „Да имав нозе би те шутнала“, а Стелан Скарсгорд доби награда за најдобра споредна машка улога за филмот „Сентиментална вредност“.

CATEGORIES
Share This