ПОБЕДА НА РАБОТА И РЕЗУЛТАТИ – Мицкоски за исходот од локалните избори

СДСМ мора да се соочи со минатото и корупцијата во редовите на партијата

ПОБЕДА НА РАБОТА И РЕЗУЛТАТИ – Мицкоски за исходот од локалните избори
Фото: Принтскрин

Со денешниот ден се заокружија резултатите од локалните избори во Македонија. ВМРО-ДПМНЕ победи во 56 општини, додека СДСМ освои само 6. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, Христијан Мицкоски, оцени дека ова е јасен политички суд на граѓаните и тежок дебакл за СДСМ.

„Денешните избори покажуваат дека изиграната доверба има последици. Партијата која на национално ниво доби околу 140.000 гласови не може да се претставува како силна и кредибилна опозиција. Проблемот на СДСМ е подлабок – тоа е пораз на политиката што години наназад произведуваше криминал, национални предавства и деструкција. СДСМ мора да се соочи со своето минато и со корупцијата во своите редови. Без тоа, нема доверба ниту иднина“ рече Мицкоски.

Тој додаде дека како премиер има обврска да испрати државничка порака:

„Македонија нема луксуз да губи време на хаос и деструкција. Потребна ѝ е стабилна и одговорна политичка сцена. СДСМ мора да се отрезни и да престане да биде срам за своето членство и за државата. Државата е поголема од секоја партија. ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи со работа за стабилност и напредок„ – нагласи Мицкоски.

Тој оцени дека изборниот ден во четирите општини минал во демократска, мирна и достоинствена атмосфера.

„И покрај тешките временски услови и техничките предизвици, граѓаните го остварија слободно своето право на глас. Во Маврово и Ростуше ВМРО-ДПМНЕ забележа убедлива победа, што е јасна порака дека граѓаните препознаваат работа, присуство на терен и резултати„ заклучи Мицкоски.

Во другите општини изборната трка се водеше меѓу кандидати на различни политички партии.

CATEGORIES
Share This