ЕУ ОДОБРИ СЛОБОДНА ТРГОВИЈА СО МЕРКОСУР – Потпишувањето на 17 јануари

По повеќе од 30 години преговори, ЕУ и Меркосур официјално го одобрија договорот

ЕУ ОДОБРИ СЛОБОДНА ТРГОВИЈА СО МЕРКОСУР – Потпишувањето на 17 јануари
Фото: Принтскрин

Политичко-економскиот блок на јужноамерикански земји Меркосур ќе го потпише долго одложуваниот договор за слободна трговија со Европската Унија на 17 јануари во Парагвај, по повеќе од 30 години преговори. Договорот, кој се оценува како најамбициозен меѓу двата блока, ќе биде официјално потпишан во Асунсион од страна на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и лидерите на Аргентина, Бразил, Парагвај и Уругвај.

Денеска, земјите членки на ЕУ официјално го одобрија потпишувањето. 21 членка гласала „за“, Австрија, Франција, Унгарија, Ирска и Полска биле против, а Белгија се воздржала. За одобрување беа потребни најмалку 15 земји кои претставуваат 65% од населението на Унијата.

Претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта оцени дека договорот носи придобивки за потрошувачите и компаниите, ја зајакнува заштитата на работниците и животната средина и обезбедува мерки за европските земјоделци. Германскиот канцелар Фридрих Мерц го нарече „пресвртница“, додека бразилскиот претседател Луиз Инасио Лула да Силва го оцени како „историски ден за мултилатерализмот“.

Договорот ќе стапи на сила по одобрување од Европскиот парламент. За да ги убеди скептичните земји, Европската комисија воведе заштитни мерки за чувствителни земјоделски производи, ја зајакна контролата на увозот, формираше кризен фонд и најави дополнителна поддршка за земјоделците.

Во меѓувреме, во Франција крајно леви и десни партии најавија политички активности против договорот, а министерката за земјоделство Ани Женевар предупреди дека битката не е завршена. Италијанската премиерка Џорџа Мелони оцени дека постигнатата рамнотежа е одржлива.

CATEGORIES
Share This