ПРЕЦИЗНА И ПЕРСОНАЛИЗИРАНА ТЕРАПИЈА – ФЗО и ПМФ заедно во лекувањето на онколошки пациенти

Лабораторијата за молекуларна биологија и геномика при ПМФ ќе започне со напредни молекуларно-дијагностички анализи

ПРЕЦИЗНА И ПЕРСОНАЛИЗИРАНА ТЕРАПИЈА – ФЗО и ПМФ заедно во лекувањето на онколошки пациенти
Фото: Принтскрин

Генералниот директор на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, и деканот на Природно-математичкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Даворин Трпески, денеска ќе потпишат договор за унапредување на молекуларно-дијагностичките капацитети во земјата, со директно влијание врз современото и персонализирано лекување на онколошките пациенти.

Според соопштението од ФЗО, Лабораторијата за молекуларна биологија и геномика при ПМФ ќе започне со изведување напредни молекуларно-дијагностички анализи, особено преку примена на генски панели за таргетирано, масивно паралелно секвенционирање од новата генерација (NGS) кај различни онколошки состојби.

„Оваа современа методологија овозможува прецизно и навремено детектирање на генски мутации, кои се клучни за изборот на целна онколошка терапија, следење на текот на болеста, прогнозата и други релевантни клинички параметри. Комбинацијата на најсовремена опрема и високостручен кадар со долгогодишно искуство ќе овозможи поефикасно задоволување на зголемените потреби за молекуларно-онколошки анализи во здравствениот систем, велат од ФЗО.

Со овој договор се проширува националната мрежа за молекуларно-дијагностички услуги за онколошки пациенти, што претставува значаен исчекор кон модерна, прецизна и достапна здравствена заштита.

CATEGORIES
Share This