ЗИМАТА СЕ ВРАЌА – Снег и минусни температури низ Македонија

УХМР најавува премин на врнежите во снег попладне и во текот на ноќта

ЗИМАТА СЕ ВРАЌА – Снег и минусни температури низ Македонија
Фото: Архива

Минималните утрински температури утрово се спуштија под нулата во повеќе делови од земјава, а најстудено беше во Скопје-Петровец и Пожаране, каде што се измерени -3 степени, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

Температура од -2 степени е измерена во Скопје – Зајчев Рид, Струмица, Гевгелија и Ѓуриште, додека -1 степен е регистриран во Куманово, Кавадарци, Велес, Тетово, Крива Паланка и на Попова Шапка. Нула степени се измерени во Берово и Штип, еден степен во Демир Капија и Виница, два степена во Маврови Анови, Крушево и Охрид, четири степени во Претор и Битола, а најтопло утрово било во Прилеп и Тополчани со пет степени.

Според податоците на УХМР за изминатите 24 часа, до 7 часот утрово најмногу врнежи се регистрирани во Крушево од 25 литри на квадратен метар, 20 во Маврови Анови и 17 во Охрид. Следуваат Попова Шапка со 13, Претор со 12, Пожаране со 9, Тетово со 6, Прилеп со 5 и Битола со 4 литри на метар квадратен. По два литра наврнале во Тополчани, Кавадарци и Виница, а по еден во Берово, Штип и Крива Паланка.

Времето денеска ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег во пониските предели, а снег на повисоките места и планините. Ќе дува умерен до засилен јужен ветер, со брзина над 60 километри на час.

Поради продор на постудена воздушна маса од север, попладне и во текот на ноќта врнежите насекаде ќе преминат во снег. Пообилни снежни врнежи се очекуваат во западните делови, каде што снежната покривка на планините ќе се зголеми за околу 20 сантиметри, а во останатите подрачја од 5 до 10 сантиметри.

Дневната максимална температура ќе се движи меѓу 3 и 9 степени.

Во Скопје се очекува променливо облачно време, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег, кои попладне и во текот на ноќта ќе бидат само од снег. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер, а максималната температура ќе достигне до 4 степени.

CATEGORIES
Share This