ТРАДИЦИЈА И ЗАБАВА – Вевчански карневал 2026
Централната карневалска поворка ќе се одржи на 13 јануари од 13 часот

Традиционалниот Вевчански карневал, една од најстарите живи карневалски манифестации на Балканот, оваа година ќе се одржи на 12 и 13 јануари. Централната карневалска поворка е закажана за 13 јануари од 13 часот, кога во центарот на Вевчани ќе се сретнат карневалците од двете маала. Манифестацијата се одржува традиционално на празникот Свети Василиј Велики.
Градоначалникот на општина Вевчани, Спасе Кочовски, ги повика граѓаните да го посетат карневалот:
„Во Вевчани во тие денови секоја куќа е отворена, а жителите ве пречекуваат со љубов. Советувам да облечете постара облека, бидејќи ќе ве прскаат со црвено вино. Карневалот и маските не се само за критика, туку, пред сè, за забава, истакна Кочовски.
Новинарот Антонио Димитриевски, кој ја водеше прес-конференцијата, додаде дека Вевчанскиот карневал е спој на долга традиција и современа сатира:
„Во тие денови селото станува голема сцена, а традицијата – слобода. Маските се инспирирани од настаните од изминатата година, но карневалот секогаш е забава. Единствено традиционалните маски – Зетот, Невестата и Глупиот Август остануваат непроменети, рече Димитриевски.
Организаторите најавија богата музичка програма. На 12 јануари од 20 часот ќе настапат рап-дуото „Пука козметика“, „Влатко Лозаноски бенд“ и „Брас брадрс“. На 13 јануари од 20 часот следуваат фолк-концерти со Благоја Грујовски, Влатко Миладиновски и оркестарот на Златко Миладиновски, како и оркестарот со зурли и тапани „Вевчани“. Програмата ќе заврши на полноќ со Перо Бели и групата „Вип“, кои традиционално ги испраќаат карневалците кон изворите.
Дарко Масларковски од „Пука козметика“ нагласи дека нивната врска со карневалот трае повеќе од една деценија:
„Веќе 14 години доаѓаме со љубов. Вевчанската публика сака комуникација, па репертоарот секогаш го прилагодуваме заедно со неа, рече Масларковски.
Со традиција долга речиси 1.400 години, Вевчанскиот карневал е спој на пагански обичаи, христијанска традиција и современа сатира. Тој има силна социјална и културна улога во заедницата, а симболично го означува преминот од старата во новата година, прочистувањето и новиот почеток.


