ФИЛИПЧЕ КАТЕГОРИЧЕН – Техничката влада мора да остане
Претседателот на СДСМ вели дека укинувањето на техничката влада е закана за фер изборен процес

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, категорично ја отфрли можноста за укинување на техничката влада, оценувајќи дека таа е „последната линија на одбрана“ од воспоставување авторитарен режим. Според него, власта на Христијан Мицкоски не ја одбива техничката влада поради ефикасност, туку поради страв од контрола и разоткривање на злоупотреби.
Филипче порача дека СДСМ нема да учествува на лидерска средба доколку темата е укинување на техничката влада, нагласувајќи дека таа е црвена линија. Тој обвини дека власта бара алиби за брзо распишување избори, а не вистински дијалог.
Клучниот проблем за власта, според него, е влезот на опозициски министер во институциите, особено во МВР, каде што, како што рече, би се откриле коруптивни практики и злоупотреби. Филипче предупреди дека во услови на дигитален надзор преку „Safe City“ и партизација на полицијата, техничката влада станува институционална заштита од злоупотреба на власта и загрозување на изборната волја на граѓаните.


