УЈП ПОВИКУВА ГРАЃАНИТЕ ДА ДОСТАВАТ ПОТВРДИ ЗА ПЛАТЕН ДАНОК ВО СТРАНСТВО – Секој случај ќе се разгледува индивидуално
Секој случај се разгледува индивидуално - зависно од резидентен статус и договори за двојно оданочување

Директорката на УЈП, Елена Петрова, на денешната прес-конференција ги повика сите граѓани кои платиле данок во странство за остварени приходи да достават потврда во која било даночна канцеларија. Таа нагласи дека секој случај ќе се разгледува индивидуално и дека од тоа ќе зависи дали граѓанинот треба да плати дополнителен данок или не.
„Постапувањето е од случај до случај и зависи од резидентниот статус на лицето, дали со таа земја имаме договор за избегнување на двојното оданочување и каков е оданочливиот третман на приходот. На пример, односот на оданочување на хонорари со Босна и Херцеговина не е како што се интерпретира во јавноста. Затоа, не треба да се даваат генерални толкувања, туку секој случај треба да се провери во УЈП“ – рече Петрова.
Таа објасни дека јавноста негодувала затоа што УЈП сега процесира случаи од 2020 година, кои, според закон, требало да се завршат до 31 декември 2025 година. Причината е што претходно не постоел соодветен систем за анализа на податоците од банки и други извори.
„Целата активност што ја спроведовме беше голема. Податоците пристигнувале од банки, а претходно немавме систем за нивна континуирана анализа. Затоа беше потребно да се селектираат приливите кои треба да се оданочат и да се вкрстат со други системи за да се види кои граѓани поднеле пресметка“ – објасни Петрова.
Бидејќи се работи за период од пред пет години, УЈП има разбирање за граѓаните и ќе прифаќа дополнителни докази за платен данок во странство.
На новинарско прашање за граѓани кои добиле одбивање за доставени потврди, Петрова рече дека за таквите случаи слушнала од медиумите и дека вработените добиле насоки за работа.
Пред десетина дена во Куманово се одржа протест на граѓани кои работеле во Авганистан и Ирак, и кои тврдеа дека таму им е платен данокот, а нивните средства веќе се вложени. Тие најавија тужба против државата пред Управен суд.
„Протестот е легитимно право, а управните спорови се законска заштита. Ги повикуваме граѓаните да ги достават доказите кај нас за да провериме дали данокот е платен во странство и дали може да се прифати“ – рече Петрова.
За 2020 година, по анализа и вкрстување на податоците, УЈП испратила над 11.000 покани за граѓани кои работеле во странство.
„Од нив, за 6.600 граѓани е утврден данок, а за останатите доходот не подлежи на оданочување. Од овие 6.600, 2.200 самите поднеле пресметка, а за 4.400 се донесени решенија по службена должност. Вкупниот утврден данок за 2020 година изнесува околу 186 милиони денари, односно околу 3 милиони евра“ – додаде Петрова.
Таа најави дека следи проверка за 2021 година, како и за сите години заклучно со 2025 година.
„Системот функционира и сите ќе бидат проверени. Но, системот е базиран на самооданочување – граѓаните треба сами да го пријавуваат својот доход и да достават докази. Секој доход во земјата или странство се пријавува до 10-ти наредниот месец, а доходот од плата и пензија до 31 март следната година. Дури и ако данокот е платен во странство, приходот мора да се пријави за да биде препознаен од системот, што е важно за други државни органи и за користење на права на граѓаните“ – заклучи директорката.


