МИЦКОСКИ МИСТЕРИОЗЕН ЗА КОЦЕВСКИ Ќе видите што следува

Владата ја обвинува поранешната власт за високото задолжување и правните последици од измените на Кривичниот законик.

МИЦКОСКИ МИСТЕРИОЗЕН ЗА КОЦЕВСКИ Ќе видите што следува
Фото: Влада

Премиерот Христијан Мицкоски денеска не даде конкретен одговор за евентуално разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски. На новинарско прашање кусо рече:

„Почекајте, ќе видите.“

Говорејќи за реформите во судството и обвинителството, Мицкоски изјави дека е подготвен да ја донира својата плата на судиите и обвинителите „само да судат согласно закон“, нагласувајќи дека не може да се помири со зголемување на платите во систем со, како што рече, „нула рејтинг“.

Тој посочи дека земјата се соочува со тешка економска состојба, вклучително и обврска за враќање долг од 2 милијарди евра следната година, што претставува една третина од буџетот од 6 милијарди евра. Во тие рамки, рече, треба да се обезбедат средства и за пензии, социјални трансфери, плати и комунални трошоци. Според него, државата била „душмански задолжена“ од претходната влада.

Мицкоски оцени дека судската реформа се сведува само на барања за повисоки плати во правосудниот систем. Доколку тоа е клучната реформа, рече тој, Владата нема да ја прифати, бидејќи Македонија не може да издвојува повеќе средства од најразвиените земји во ЕУ за независно финансирање на судството и обвинителството.

Тој додаде дека измените во Кривичниот законик ќе се донесат до крајот на годината, како реакција на одлуката на Уставниот суд, и дека тие ќе резултираат со „општа колективна амнестија“ за затворени лица.

Според премиерот, секој што носи одлуки мора да сноси одговорност. Тој ја обвини претходната влада дека со измените на Кривичниот законик овозможила „политичка амнестија“, а сега, како што вели, истите тие критичари се повикуваат на европски извештаи. Мицкоски повтори дека ВМРО-ДПМНЕ останува неправедно обвинета и дека Владата ќе ја заврши „домашната задача“.

Говорејќи за европските интеграции, Мицкоски ја повтори тезата дека Македонија и покрај промената на името не напредувала во процесот.

„Пред осум години ни велеа дека сме фронтранери и дека за 3-4 години ќе бидеме во ЕУ. Тие години поминаа, а ние сме на истото место – таму каде што бевме пред 25 години“, рече премиерот.

Според него, од Македонија се бара да го смени Уставот и „да не биде Македонци“, но таквиот притисок, како што рече, не успева да ја запре државата на патот напред.

CATEGORIES
TAGS
Share This